Спомен на св. вмч. Георгиј - Ѓурѓиц
16.11.2024 На празникот св. вмч. Георгиј-Обновување на храмот на св. вмч. Георгиј во Лида-Ѓурѓиц, во манастирот посветен на св. вмч. Георгиј Победоносец во Тетовска Мала речица, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф ги благослови кумските лебови. Митрополитот г. Јосиф честитајќи им ја славата и кумствата, ги посоветува своите духовни чеда и меѓудругото истакна: Драги браќа и сестри, ви ја честитам и оваа слава на манастирот посветен на св. Георгиј. Имајте благословени кумства и нека св. Георгиј се моли и застапува пред Бога за сите вас и вашите семејства. Ме радува што секогаш кога и да дојдам во овој манастир, гледам жива црква со верен народ. Св. Јован Златоуст затоа вели на едно место: Името Црква не е име на поделби, туку на единство и слога.
Црквата разделените ги собира во едно, бидејќи името Црква е име на слога и еднодушност. Црквата е востановена не за оние што се собираат во неа да се делат меѓусебно, туку разделените да се соединат. Црквата не знае за разлика помеѓу господарот и робот. Таа ги разликува и едниот и другиот според добродетелите.
Христос е глава на Црквата, а ние телото. Помеѓу главата и телото може ли да има некакво растојание? Христос е Темелот, ние граѓата; Христос е Лозата, а ние прачките; Христос е Младоженецот, ние невестата; Христос е Пастирот, ние овците; Христос е Патот, ние патниците; ние сме храмот, Христос Населеникот; Христос е Првенецот, ние браќата; Христос е Наследникот, ние сонаследниците; Христос е Животот, ние оние што живеат; Христос е Воскресението, ние оние што воскреснуваат; Христос е Светлината, ние оние што се просветлуваат. Денеска, прославувајќи го св. вмч. Георгиј, да се обратиме со искрена молитва кон него да ни ја закрепи верата. Да ни ја умножи љубовта, па од нашите срца и мисли да отфрлиме секакво зло, и така, да го подготвиме нашето битие за средба и соединување со нашиот Спасител Господ Исус Христос, сега и во сета вечност. Бидете благословени. Честита манастирска слава. Пофалби и благослов и за црковниот одбор, кој со голема љубов се грижи за ова свето место.