Статии на Велики Петок
03.05.2024 ВЕЛИКИ ПЕТОК Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф богослужеше утрена со Статии во соборниот храм св.Кирил и Методиј-Тетово.Собрани овој ден околу гробот со светата Плаштаница, како подобие на Гробот Христов, многубројните присутни верни во Соборниот храм св.Кирил и Методиј-Тетово во созерцание и молитва се поклонуваа пред тајната на тој живоносен Гроб.Денеска е распнат нашиот Спасител на Голгота. Божествената љубов е изведена на срамна глетка. Божјото милосрдие се приковува на дрво. Од Божеството тече крв. Која жива душа нема да се трогне од оваа ужасна глетка? Во овој страшен ден сонцето потемнело, а земјата се затресла. Камењата попаѓале, а мртвите не можеле да издржат и ги напуштиле гробовите. Тешко е да си претставиме нешто слично, но уште потешко е да се сознае дека секој од нас е виновен за страдањето и смртта на Синот Божји. Да, секој од нас го вперил својот шепот во непријателството на Јуда, односно во неговото предавство. Секој еден забодува по еден клинец во Спасителот. Секој еден од нас додал по некоја горчлива капка во чашата која безмерно Го мачела Христа. Затоа крстната жртва ги опфаќа не само минатите туку и идните распнувања, страдања и злодела на сите поколенија и на сите луѓе до крајот на векот. Христос се распна за нас кои сѐ уште престојуваме во гревот.