Св Никола

19.12.2024 Во храмот Св.Никола - Тетово, митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф богослужеше света литургија. Верниот народ се причести со светите тајни. По литургијата беа благословени кумските лебови. Во својата беседа кон верниот народ митрополитот г. Јосиф меѓу другото истакна:Денес сме во овој велелепен храм овде во убаво Тетово, посветен на денешниот празник св .Никола. Нема светител кај нашиот народ, кој може да се спореди со прославување и повикување во молитвено застапништво како св. Никола. Половина од нашето население овде во Тетово го чествува како домашен заштитник, покровител и патрон. Затоа, тој постанува правило на верата и образ на кротоста, како што пееме во неговиот тропар.Денес се чуствувам повикан и морам да кажам, инспириран од денешниот празник –дека во овие тешки животни премрежја би било добро да се потрудиме колку што можеме повеќе да се поучуваме од животот и од делата на светиот Никола и да го подржаваме и следиме неговиот пример. Но како да го подржаваме и следиме неговиот пример? – Преку правење добри дела и милостиња. Нажалост денес како да забораваме да правиме добри дела, особено забораваме да дадеме милостиња. Времето во кое живееме е време на владеење на егоизмот и среброљубието во невидени досега размери. Лакомоста по светските богатства, скржавоста се пороци за секоја осуда. Не треба да забораваме дека нашето спасение е во добрите дела! Затоа треба да ги цениме добрите дела и милостињата и да се бориме против  многуте пороци, кои не одалечуваат и од Бога и од луѓето, како што се: лакомоста, себичноста, скржавоста, похотта и страста кон матријални добра и светска слава.Да се обратиме со искрена молитва кон св. Никола тој да биде наш молитвеник, да ја зацврстиме нашата вера во Бога, да одиме по вистинскиот пат, да правиме добри дела и да спечалиме вечен и блажен живот.Амин.На сите Вас кои го славите овој ден како куќна слава и го носите неговото име ви честитам и посакуваме многу здравје,радост и благослов во животот.