Св. Вмч. Георги - Ѓурѓиц
16.11.2022 Св.Вмч.Георги-Ѓурѓиц,во манастирот св.Георги-Мала Речица-Тетовско,митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф изврши мал водосвет и го прекрши празничниот колач, Митрополитот г.Јосиф се обрати кон верниот народ кој меѓу другото нагласи: Денеска се наоѓаме во овој свет манастир во М.Речица, кој што е посветен на овој Божји угодник, кој својата вера ја потврди со својот живот.Божјите угодници во нашите свети цркви ги прославуваме со двојна цел. Прво, да се поучиме од нивниот животен пат за да можеме да ги подражаваме, а истовремено во светиот храм доаѓаме за да оствариме средба со нашиот Спасител Господ Исус Христос. А пред сè таа средба ќе ја оствариме, соединувајќи се со Него, преку светата тајна Евхаристија. Сите ние треба да извлечеме една поука од животниот пат на св. Георгиј, дека треба цврсто да веруваме и да Го исповедаме нашиот Спасител Господ Исус Христос, Кој од преголема љубов кон човечкиот род, слезе од небесните височини, прими тело од Света Дева Марија, поучуваше, правеше чуда, лекуваше секакви болести и на крај неблагодарните луѓе Го предадоа, претрпе страдања и понижувања и беше распнат и тоа на крст, како разбојник, иако не направи никаков грев, но исто така славно и победоносно воскресна. Ја основа св. Црква, и во неа ги остави Светите Тајни за да можеме ние да веруваме и да Го исповедаме и да добиеме вечен живот, доколку навистина живееме онака како што бара од нас св. Црква, односно нашиот Спасител Господ Исус Христос. Да се обратиме со искрена молитва кон св. Георгиј, да всади во нашите души барем малку од неговата силна вера, та и ние да можеме да го исповедаме и да посведочиме дека сме негови следбеници, сега и во сета вечност.