Света Божествена Литургија во Лешочкиот манастир
19.02.2023 Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф, во сослужение на протоереј Предраг Исаевски, ерејот Мартин Андоновски и ѓаконот Илија Деспотовски, отслужи Света Божествена Литургија во Лешочкиот манастир.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. Во својата беседа митрополитот г.Јосиф меѓудругото нагласи:
Оваа недела вниманието на Црквата е свртено кон Евангелието за Судот Божји (Мт. 25, 31-46) на кој што недостигот на дела на љубов ќе нѐ покаже виновни пред Бога.Ден претходно, во саботата си спомнуваме за сите претходно упокоени отци и браќа наши. Црквата си спомнува за сите упокоени од Адама до денес, кои на Бога Му служеле верно, отци и браќа наши, и за сите наши ближни и роднини, за секој човек. Црквата проси за сите нив добар одговор на Страшниот Суд, и радосно добивање на десната страна од Него, за оние кои се покажале достојни за Царството Негово. Црквата Божја, меѓу другото, ни припомнува и за Второто, славно Христово доаѓање на земјата и за Неговиот последен, неподмитлив суд на секоја душа човечка.
Првиот пат Христос не дошол со бучна и видлива за секого слава, туку тивко, ненаметливо, во крајно смирение. Никому не го наметнал со сила Своето спасително учење, туку со најголема љубов повикал: „ Кој сака, нека врви по Мене “. Меѓутоа, при Второто пришествие, Он ќе се покаже не во вид на слуга и на непознат, туку во сето Свое Божествено величие, опкружен од сите сили небесни, и никој нема да праша: „Кој е Овој?“ – бидејќи сите ќе Го видат и познаат. Да се подготвуваме браќа и сестри за добар одговор на Страшниот Христов Суд и да ја молиме Божествената љубов да ни помогне да ја спознаеме целата убавина од вечниот живот. Амин