Света Василиева Литургија во Соборниот храм ,,Успение на Пресвета Богородица" во Гостивар

На 14.01.2025 година, кога  го празнувавме Обрезанието на нашиот Спасител Господ Исус Христос, светиот Василиј Велики, како и почетокот на Новата година, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф отслужи Света Василиева Литургија во Соборниот храм ,,Успение на Пресвета Богородица" во Гостивар.
После Божествената Литургија, беше отслужен молебен за благослов на престојната Нова година, благодарејќи му на Бога за сите дарови кои секојдневно ни ги дава. На литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Митрополитот г. Јосиф во својата беседа меѓудругото нагласи: Денес, браќа и сестри, овде во овој велелепен храм во Гостивар, ние го славиме, исповедаме и величаме Троичниот Бог, благодарејќи Му за овој троен празник т.е. Неговото Обрезание по тело, празникот на Свети Василиј Велики Архиепископот на Кесарија Кападокиска, на кого денес споменот му го празнуваме и чија Божествена Литургија ја служиме, како и прославувањето на Новата црковна година според нашиот древен јулијански календар. Новата година е дар Божји, дар на Неговата љубов и милосрдие. Господ ни ја дава новата година чиста и неизвалкана, а во нејзиниот тек, можно е сè да не снајде - и добро и лошо, и здравје и болест. Какво ќе биде времето што настапува, тоа го знае само Единиот Бог. Затоа, ние сме должни да Му вознесеме благодарност за сите Негови доброчинства што ни ги дал во минатата година и да испросиме од Бога благослов за годината што настапува. Да измолиме од Семилостивиот Бог, нашиот живот во оваа година да биде песна за Бога. Да направиме во нашиот живот името Божјо да е благословено, затоа што тоа е големо и светло во сите времиња и помеѓу сите народи. И доколку се надвиснат над нас црни непријатни облаци, уште посилно да се доближиме кон Христа и од Него да бараме помош и заштита. Ете сега, на прагот на Новата година да си дадеме на себе си задача – да бидеме пред сè добри! А за да се биде добар човек, треба да почнеме квалитетно да го ползуваме времето кое ни претстои и истото да го искористиме за наша лична надоградба, за наше личносно внатрешно согледување и спасение, за молитва и љубов и кон другите, а не за лицемерие, судење, осудување и итн. Конечно во Новата година да почнеме „ новото вино“ да не го ставаме во „ стари мевови“ , туку во „ нови“ (сп. Марко 2,22),  да кажеме не на старите навики, да ги обреземе старите лоши и гревовни навики и страсти, и да почнеме повеќе да тежнееме по добродетелите, кои на крајот од времето ќе не одведат во вечноста, каде што нема почеток и крај, во Царството Божјо. Да се помолиме на Бога, Создателу на сите созданија, Кој во Своја власт ги ставил времињата и годините, благослови ја, според Твојата милост, кругот на новата година што настапува; Исусе Христе, Ти оди пред нас во ова Ново лето 2025 и биди ни Водач, Искупител и Спасител! За да можеме и ние, носејќи го својот крст, да Те следиме со радост, сепредано и неразделно! Отче наш, свети Василие, кој престојуваш пред Пресветата Троица, спомнувај нè и нас и испроси ни простување на гревовите и голема милост!  Амин! Честити нека се празниците, браќа и сестри, и за многу години!