Светата и Велика Сабота
На 04.05.2024 г. во Светата и Велика Сабота, кога си спомнуваме за Христовото слегување во Адот, кога Спасителот со телото отпочина во гробот, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на протоереј-ставрофор Марјанчо Мадевски, протоереј Андон Андоноски, протоереј Александар Јанкоски, ереј Мартин Андоноски и ѓакон Славче Ѓорѓески, отслужи Света Василиева Литургија во храмот „Успение на Пресвета Богородица” во Гостивар. На Божествената Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. Во својата беседа митроплитот г. Јосиф меѓу другото нагласи: Денес во благословена сабота, во која преку оплакувањето и молкот се надѕиркува Христовата победа над гревот, смртта и ѓаволот, созерцувајќи ја таа спасителна и воскресенска тајна, да ги направиме последните подготовки за достојно пречекување на Христовото Воскресение, на Пасхата, која е празник на нашето избавување од ропството на смртта и премин во живот. Сега е моментот кога целокупната наша тага, сите наши потешкотии и напластени грижи треба да исчезнат во минатото, кога едноставно треба да заборавиме на сѐ што не обременува и кога треба да притрчаме кон прегратките на Христос, Лекарот на нашите души и тела. Нашата тага нека стане радост. Со радост да ги поминеме следните часови до Воскресението и да ги раскинеме оковите и гревовите, кои нѐ држат затворени во смртната сенка. Со вера, надеж и љубов во Христовото воскресение, во оваа спасоносна и светлозрачна ноќ, на невечерниот ден, заедно со членовите на нашата домашна црква, од нашите домови да земеме учество во вечната победа на животот, правејќи премин од смрт во живот, преку решителноста да ја прифатиме вечно подадената Христова рака, Која и денес е подадена за избавување од нашите страданија, без разлика каде ќе ја дочекаме радоста на Неговото тридневно воскресение. Во пресрет на празникот да ги засилиме нашите молитви за болните и за оние кои и во овој ден се на работните места и кои во таков работен амбиент ќе ја пресретнат најголемата вест, со надеж дека и тие како апостолите ќе го слушнат Христовиот глас на победата, кој гласи: „Радувајте се!“ (Матеј 28,9). Посакувам воскресенската радост преточена во најрадосниот поздрав: „Христос воскресе!“ Уште еднаш на крај сите да речеме: Со Твоето неискажливо снисходење, Христе Боже наш, помилувај нѐ! Амин!
Вашата радост нека биде полна. Имајте добра и спасителна Пасха!