Свети Спиридон Чудотворец
25.12.2022г., кога го празнуваме споменот на Свети Спиридон Чудотворец, Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф, во сослужение на протоереите Предраг Исаевски, Жарко Мицкоски, ереј Велјанчо Огненовски и ѓакон Илија Деспотовски отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм Свети Кирил и Методиј -Тетовo.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. Во својата беседа митрополитот г.Јосиф го честита празникот на Тетовските занаетчии и меѓудругото нагласи:
Браќа и сестри, кога го празнуваме овој свет човек св.Спиридон, кој ни покажал вистнски пример како треба да живееме и да се однесуваме, какви добри дела треба да правиме, доколку сакаме вистински да го празнуваме неговиот свет празник, тоа значи дека треба нашиот живот да го усогласиме и уподобиме на неговиот живот. Неговите добродетели или добри дела што ги правел и ние да ги правиме, да бидеме скромни, како што тој бил скромен, да бидеме едноставни, како што тој бил едноставен, а и да се застапуваме за правдата, како што и тој се застапувал за правдата.А ние денеска кога го прославуваме неговиот спомен, рековме дека треба да го следиме неговиот живот. А празникот што го празнуваме нема никаква смисла и никакво значење, ако ние го празнуваме само за да јадеме, пиеме и да се веселиме, односно да се прејадуваме, да се опиваме, да пееме недолични песни и.т.н. Вистинското празнување и прославување на празниците, особено на светителите е во тоа, наутро да се дојде на Светата Божествена Литургија, како што вие дојдовте,еден дел од занаетчиите од Тетово кои го почитувате неговиот спомен.Од оној кој празнува и се кае се очекува и желба да го поправи својот живот. Кога одите на исповед, говорете си на себе: по исповедта ќе се трудам со сите сили да се ослободам од гревовите поради кои сега ќе се каам. Нема веќе да се измамувам себеси. Нема веќе да Го лажам Бога. Нема веќе да ја навредувам Тајната на Покајание. Помогни ми, Господи, зајакни ја мојата душевна сила, Господи! Каква е користа од покајанието, после кое луѓето без грижа на совест повторно паѓаат во истиот грев поради кој се покајале? На таквите луѓе се однесува поговорката: „Песот се враќа на својата блувотина и искапената свиња -во калта“ [2. Петар 2, 22].На крајот, оној кој се кае мора да има вера во Христа и надеж во Неговото милосрдие.