Светиот Архистратиг Михаил
На 21. 11. 2023 година, денот кога го чествуваме споменот на Светиот Архистратиг Михаил во храмот ,,Св. арх. Михаил" во с.Јегуновце -Тетово, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф ги благослови и прекрши кумските лебови. Црковниот одбор и кумовите за сите присутни во црковната трпезарија приредија трпеза на љубовта. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа на која помеѓу останатото истакна: „Денешниот празник е особен ден за вас жителите на Јегуновце кои имате изградено храм на Архангел Михаил. Од Вашето многубројно денешно присуство во храмот се гледа колкава е Вашата почит и љубов кон Архангел Михаил. Ова е ден во кој ние се сретнуваме со тајната на Божествената промисла за овој свет. Но, исто така, се сретнуваме и со поинаков свет. Свет невидлив, со невидливи и бестелесни битија. Тоа нè води кон размислување за нашиот живот. Но, не само кон размислување, туку и кон подготовка за соочување со оваа реалност, дека во светот постојат и лоши сили. Треба да бидеме подготвени, преку нашата вера и со нашите добри дела, а поткрепени со Божја благодат, истите да ги надминуваме и победуваме. Денеска нашата света Црква го прославува Соборот на светите ангели и архангели, на чело со свети архангел Михаил. Самиот празник нè поттикнува да размислуваме за бестелесниот и невидливиот свет.
Затоа, ние, во нашите молитви, покрај тоа што бараме помош од Господа Христа и од Пречистата и Приснодева Марија, исто така, со молитви се обраќаме и кон нашиот ангел чувар, како и кон останатите небесни сили. Им се молиме да нѐ пазат, да нѐ чуваат и да ни помагаат во нашиот христијански пат кон Царството небесно. Да се помолиме на Светиот Архангел Михаил и на сите Небесни Сили, за и ние да заживееме ангелки живот, во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Амин!
Честит нека е празникот и кумствата и честито нека е името на оние што го носат името на светиот архангел Михаил".