Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан

На 3 ден Божик- митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше света литургија во Лешочкиот манастир. Во својата беседа митрополитот г.Јосиф меѓу другото нагласи: Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан, заедно со витлеемските деца – маченици, се првите исповедници на Христовото име, кои својата непоколеблива вера во Христа Спасителот ја потврдија со својата глава. Токму затоа, нешто подоцна, еден црковен учител и писател од првите векови на христијаните (Тертулијан), ќе запише дека, крвта на мачениците била семе, од кое никнувале нови и нови христијани.И ние денеска што се наоѓаме во овој свет манастир, да се поучиме од силната и непоколеблива вера, и од трпението на св. Стефан. Па од таа вера да всадиме во нашите срца и души, та и ние да можеме да го победиме, како внатрешниот, така и надворешниот непријател.