Томина недела
На 23.04.2023 година, во неделата по Велигден - Томина недела, во храмот „св.Кирил и Методиј“ во Тетово, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф во сослужение на свештеници од Тетовското намесништво. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот г.Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, на која меѓудругото нагласи:На сите ни е познато евангелското четиво за апостолот Тома. Св. ап. Тома не поверувал на кажаните зборови од страна на останатите апостоли, дека им се јавил Воскреснатиот Христос. Оваа вест во себе носи голема смисла. Евангелието завршува со зборовите: „А овие се запишани, за да поверувате дека Исус е Христос, Син Божји, и верувајќи да имате живот во Неговото име" (Јн. 20, 31), односно, преку верата во Господа Исуса Христа и преку верата во Бога, човекот може да најде можност да живее во Бога, односно, да живее вечно. Со други зборови, тој има можност преку општење со Бога да живее вечно.Денешната евангелска поука ни зборува за Исусовите белези. Кога учениците му кажале на Тома дека Го виделе Господ, тој им одговорил: „Додека не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам“. По осум дена, кога учениците биле собрани и Тома бил со нив, кога вратата била заклучена, нашиот Господ застанал помеѓу нив и рекол: „Мир вам“. Потоа му рекол на Тома: „Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверник, туку верник!“ Тома одговорил: „Господ мој и Бог мој!“ Тома поверувал кога ги видел белезите на Христа.Белезите Христови најдобро зборуваат за Неговата љубов кон нас но и нѐ учат дека животот е борба. По молитвите на Светиот апостол Тома, на кој денеска споменот му го празнуваме и според кој оваа недела се нарекува Томина недела, Господи Исусе Христе Сине Божји, и по молитвите на Твојата Света Мајка, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин! Христос Воскресе!