Третата недела од Великиот пост - Крстопоклона недела
На 19.03.2023 година, во Третата недела од Великиот пост - Крстопоклона недела, во Соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Тетово, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на протоереј Предраг Исаевски, протоереј Маријанчо Мадевски, ереј Илија Сламков, ереј Велјанчо Огненовски и ѓакон Илија Деспотовски. Пред почетокот на Литургијата, според типикот на православната Црква, беше изнесен светиот Крст, како поткрепа и потсетување на страдањата на нашиот Спасител. Верниот народ се причести со светите тајни. Митрополитот г. Јосиф во својата беседа меѓудругото нагласи: ,,Се наоѓаме на средината на Велигденскиот пост. Оваа недела, светата Православна Црква ја нарекува Крстопоклона. Така се нарекува, бидејќи во оваа недела пред светата Литургија на свечен начин се изнесува чесниот крст и се полага во средината од храмот, каде луѓето можат да му се поклонат и да го целиваат. Знаејќи дека крстот има посебна благодат Божја, сила и енергија, допирајќи се до него, православниот верник добива поткрепа и сила да го продолжи подвигот на постот во овој Велигденски период.Често и во комуникацијата на нашиот народ може да ги забележиме зборовите „Секој со својот крст“, кои асоцираат на животните страданија на секој еден од нас. Но запаметете дека без страдање и смрт – нема воскресение. Затоа да не се плашиме од страдањата, и да го носиме својот крст постојано, бидејќи според Христовите зборови: „кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене“ (Матеј 10,38). Самиот Христос нè повикува да го носиме крстот свој, но со тој повик, треба да се сетиме дека ние сме повикани својот крст преку следење на Христа да го преобразиме во Крст Христов. Тоа значи својот живот да го уподобиме на Христовиот живот, бидејќи секое друго носење на крстот во животот – ако не е пропратено со следење и уподобување на Христа е неплодно и залудно. Пристапувајќи кон светиот Крст, да испросиме од Господа Бога благослов и помош, та останатиот период од Великиот пост Тој да нè поткрепи нас грешните, немоќните и маловерните, да ја зацврсти нашата вера, надеж и љубов и да ни подари надеж да го дочекаме и светлото Христово Воскресение".