Цветници - Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим

17.04.2022 На Цветници - Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим, надлежниот Митрополит на Тетовско-гостиварската епархија г.Јосиф богослужеше света литургија во соборниот храм Пресвета Богородица - Гостивар. Верниот народ се причести со светите тајни.Своја проповед изрече митрополитот г.Јосиф кој меѓу другото рече: Денес го празнуваме споменот на величественото влегување на Господа во Ерусалим. Тоа е еден од највпечатливите моменти во овоземниот живот на Спасителот.
За да можеме поживо да си го претставиме тоа случување и од него да извлечеме поголема поука, мислено да се пренесеме во она време, во оној ден кога тоа се случило. Преку настаните од овој ден, Христос значително се разоткри Себе си помеѓу народот како долгоочекуваниот Цар - Месијата. И сето ова, повторно намерно се случува само четири или пет дена пред Неговата смрт, за да можеме сите јасно да ја видиме дволичноста и омразата на неговите непријатели, кои беа помеѓу народот во лицата на старешините и книжниците, и кои немаа потреба да испраќаат луѓе за да го бараат Исуса каде е, затоа што Го видоа како јавно влегува со своите ученици и апостоли со голема слава во големиот град. Браќа и сестри и ние, коишто денес се наоѓаме во овој свет храм овде во Гостивар, прославувајќи го овој историски библиски настан од животниот пат на нашиот Спасител Господ Исус Христос, да се поучиме од еврејските деца. Да отфрлиме од нашите срца и од нашите души секакво лукавство, секаков престап и секаков грев. Та со чисти срца и души да Го пресретнеме Господа Христа, и да Му воскликнеме како Ерусалимските деца: „Осана! Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев.