Успението на Пресветата Владичица наша Богородица
На светлиот ден на Успението на Пресветата Владичица наша Богородица, на 28.08.2024 година, во Лешочкиот манастир, беше отслужена света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на Митрополитот Европски г. Пимен и свештенство од Тетовско-гостиварската епархија. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот г. Јосиф се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, на која меѓу другото нагласи: Денес, во Лешочкиот манастир го празнуваме најглавниот празник во чест на Божјата Мајка, иако во текот на годината постојат многу празници посветени во чест на Пресветата Богомајка. Но највеличенствен од сите тие празници е токму денешниот празник – Успението на Пресвета Богородица. На денешен ден, Таа се упокоила како што и сите луѓе се упокојуваат. Но, кога Апостолите ја испратиле и сохраниле како носи редот, на погребението отсуствувал светиот апостол Тома, а тоа било Божја промисла за да се открие уште една тајна на Света Богородица. Третиот ден доаѓа и тој и посакал да го целива телото на Светата Пречиста. Но, кога апостолите го отвориле гробот, ја нашле само плаштаницата со која била обвиткана, додека телото не било во гробот. Таа вечер се јавила на апостолите и им рекла: “Радувајте се, јас сум со вас засекогаш!” Денес славиме една необична смрт. И какво чудо! Она што некогаш беше причина за тага, солзи и болка, денес како причина за радост и празнување се покажува. Смртта, мрачна и омразена, со Успението на Царицата денес се пофалува и блажена се нарекува. Зашто денес Лествицата небеска, со смртта како со лествица кон небесните населби се преселува и така Онаа Која денес смрт прима, со Своето блаженство смртта ја украсува. И ова блажено заспивање придобивка за сиот род човечки станува. Света Богородица, живеејќи го својот овоземен живот во послушност и исполнување на законот Божји, се удостојува да биде почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите. Како таква, таа се удостојува да претстои за секоја христијанска душа, да побрзува и да одговара на сите наши разумни и исправни молби и да се застапува истите да бидат исполнувани. Ние, како верници и христијани, должни сме цврсто да веруваме во нејзината помош и во нејзината молитва. Но, пред тоа, имаме обврска да се угледаме на нејзиниот свет, чесен, морален и праведен живот, па да се потрудиме и нашиот живот да го насочиме во тој дух и во тој правец. Само тогаш ќе можеме нашите молби и прозби, не само да ги изнесуваме пред Мајката Божја, туку да бидеме сигурни дека истите ќе бидат пренесени од неа пред Господа Бога. Преку Нејзиното застапништво, пак, Бог ќе ги услиши и исполни. Во овие празнични мигови овде во славниот Лешочки манастир, наоѓајќи се под закрила на Небесната Царица, да И се обратиме со молитва на Возвишената да ни биде како и секогаш и сега постојана застапничка и молитвеничка пред Бога за нас и за сите наши идни поколенија. Таа нека биде нашата патеводителка на патот кон спасението и Нејзиниот благослов нека биде врз сите нас, постојано сега и секогаш и во сите векови. Амин !