Василиева Литургија во храмот „Св. вмч. Димитриј“ с.Теарце-Тетовско
13.03.2022 година, во храмот „Св. вмч. Димитриј“ с.Теарце-Тетовско беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на свештеници од епархијата. Многумина дојдоа да го прослават торжеството на православието, а тоа го потврдија и со учеството причестувајки се со светите тајни. Во својата проповед митрополитот г.Јосиф меѓу другото рече: Недела на православието е наречена првата недела од Велигденскиот пост, кога всушност се празнува победата на почитувачите на иконите врз иконоборците, изразена во одлуките на Седмиот вселенски собор. Оттука, Црквата си спомнува за повторното воведување на иконите во јавните богослужби и храмови, како и приватните домови.Во таа слава на Бога, се собравме денес во овој свет храм овде во славното Теарце-родното место на нашиот ревносен учител Пејчиновиќ, молитвено да празнуваме и да го прославиме големиот празник на Православието. И ако некој ве праша: А што е тоа икона, та е толку важна, што и маченички за неа се гинело?Вие ке им одговорите:Иконата, за нас православните, е прозорец кон Вечноста. Почитта што ѝ ја оддаваме, е почит кон личноста што е насликана, а не на самата слика. Кога се поклонуваме и пееме пред ликот Христов, изобразен на икона или фреска, ние на Христа Бога се поклонуваме и песни принесуваме, а не на дрвото или ѕидот на кој е изобразен ликот на Христос. И кога пред икона, молитвено стоиме и кога молитвите принесени пред икона ќе ни се услишаат, ние од Бога помош добиваме, Бог е Оној што чуда прави, а не дрвото или бојата.