Вечерна богослужба со чинот на простување
На 06.03.2022 година, во вечерните часови, во соборниот храм св.Кирил и Методиј-Тетово, според веќе воспоставената традиција, беше отслужена Вечерна богослужба со чинот на простување, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г Јосиф, во сослужение на свештенството од Тетовско-гостиварската епархија. По завршувањето на Вечерната богослужба со свое слово се обрати митрополитот г.Јосиф кој најпрво побара прочка од присутните и рече:Еве браќа и сестри се помоливме на Господа за Он да ни даде сила и благодат за добро да го започнеме Велигденскиот пост, но и вистински да го изодиме патот на покајанието. Целта на постот се состои во поправање на човекот, односно, да се преобрази и да се измени. Поправањето започнува со каење и жалење за тоа што сме згрешиле. Потоа, доаѓа Божјото опростување. Тоа Божјо опростување е најважно, бидејќи, ако не се доживее чувството дека Бог ни има простено, човек не може да е растеретен од своите пороци и гревови.Да се помолиме, браќа и сестри, на Мајката Божја, Пресвета Богородица, и на Сите Свети, преку нивните молитви, Господ и нам да ни ги омекне срцата и душите, за да можеме вистински да се покаеме за гревовите и да им простиме на сите што нам ни згрешиле и да побараме прошка од сите оние на кои што сме им згрешиле. По нивните молитви, Господ Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!