Вечерна богослужба во Лешочкиот манастир на празникот Успение на Богородица
27.08.2024 Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на Митрополитот Европски г. Пимен и свештеници од Тетовско-гостиварската епархија, богослужеше Вечерна богослужба во Лешочкиот манастир на празникот Успение на Богородица кој е манастирска слава на Лешочкиот манастирот. Во средината на храмот беше изложена плаштаницата, на која е изобразено погребението на Пресвета Богородица и се пееја статиите од опелото на Пресвета Богородица, а верниот народ се поклони и оддаде почит на Богомајката. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Браќа и сестри, Пресвета Богородица е нашата закрилница, посредница и постојана молитвеница пред Бога Троичниот и пред Нејзиниот Син и наш Бог Спасителот Исус Христос. Вечерва сме собрани во овој свет Манастир, за со молитви и со благодарност да го прославиме чудесниот празник на Успението на Пресветата Владичица наша Богородица, заштитничка на Лешочкиот манастир. Мили мои, денес Црквата празнува нешто необично, нешто толку свето и возвишено, што ниту човечкиот јазик, ниту ангелскиот надсветски јазик, не може достојно да го опише – го празнува погребението на светиот Кивот на Самиот Господ. Денеска севкупниот свет е исполнет со пофалба кон неа. На нејзиното славно Успение сè се радува. Се радува видливиот, се радува и невидливиот свет. Се радува разумното, се радува и неразумното. За време на Вечерната богослужба слушнавте во стихирите дека се пее на света Богородица и се нарекува и со многу други епитети, но, сега не би можеле да ги наброиме сите, туку може да споменеме една споредба. Таа споредба е скала небесна, по која Бог слезе на земјата и се овоплоти во девствената утроба. Со тоа таа постана скала и на луѓето им овозможи да се искачат на небото. Мајката Божја се нарекува мост кој ги поврзува небото и земјата. Можеби оваа споредба на некого ќе му изгледа многу обична, но не е така. Уште во времето кога св. Дева Марија го слушнала архангелскиот поздрав радувај се благодатна, тогаш, помеѓу небото и земјата имаше длабока провалија. Провалијата ја правеше гревот на родот човечки. Една огромна река на гревови течеше и таа бездна го делеше небото и земјата. Гревот е една огромна преграда. Луѓето биле од другата страна на бездната, копнеејќи за Светлината. Но, за да стигнат до таа Светлина им бил потребен мост. Тој мост е Мајката Божја, оти таа Го роди Оној Кој ги поведе луѓето кон Бога. Ете каква е таа споредба на Мајката Божја со мостот кој ги поврзува небото и земјата. Крајот на Мајката Божја Црквата го нарекува Успение, зашто Таа „како во сон за кратко време заспала и, како од сон, се разбудила“. Во Пресвета Дева е победен природниот закон: смртта, враќање на телото во земја, кое е од земја. Нејзиното тело не вкусило таква смрт; во раѓањето Таа го запазила девството, во Успението го соединила животот; по раѓањето Таа останала Дева и по смртта пребива во животот. Таа заспала, за да се разбуди за живот во вечното блаженство; Таа се преставила пред Животот, пред Изворот на животот, за да ги избави од смрт душите наши со Своите молитви. Кога ја величаме Мајката Божја и кога секојдневно го читаме нејзиниот акатист пред новата зографисана икона Богородица Лешочка, ние ја осознаваме нашата немоќ. Величајќи ја, сè повеќе се смируваме и сè повеќе се каеме. Преку тоа таа ќе ни биде скоропослушна застапница и ќе ја примиме нејзината закрила, која ќе нè води по благодатниот пат кон спасението. Гледајќи ве сите вас собрани тука во овој древен манастир, наоѓам потврда дека Пресвета Богородица е навистина собор на верните. Молејќи се за сите вас во оваа приквечерина, ја користам оваа прилика како надлежен епархиски архиереј, од ова свето место, од местото каде вечно пребива благословот на Богомајката, да ви испратам на сите мои духовни чеда и на сите верници во Тетовско-гостиварската епархија – благослов за преуспевање и зборови за утеха. Секогаш кога ви е тешко, кога сте во паника или страв, вашите мисли и молитви и грижи да ѝ ги откриете на Онаа, Која има сила непобедлива, за да преку своето застапнитво пред Нејзиниот Син и наш Бог Исуса Христа, нѐ сочува и нѐ запази чисти и неосквернети од искушенијата. По молитвите на Пресветата, да се собереме сите под нејзиниот омофор и пред нејзиниот кивот и плаштаница, да Го славиме Бога заеднички, и со нејзината закрила да станеме народ свет, народ побожен, народ кој ја знае и живее својата вековна вера. Амин!