ВЕЛИКА САБОТА 23.04.2022
23.04.2022 ВЕЛИКА САБОТА во Лешочкиот манастир света Василиева литургија богослужеше митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф во сослужение на протоереј Предраг Исаевски,ереј Илија Сламков, ереј Вељанчо Огненовски и ѓакон Илија Деспотовски.Верниот народ се причести со светите тајни.Во својата беседа митрополитот г.Јосиф меѓудругото рече: Да, навистина, неискажлива е длабочината на Светата и Велика Сабота – денот кога Господ се одмори од делата Свои, откако го создаде светот и човекот и го воведе него како цар во вселената. Тоа е и ден кога Он го заврши и делото на нашето спасение. Оваа Сабота е благословена. Во неа е сокриена победата и молкот пред тајната на Бога Кој се воплоти и стана човек: „Да молчи секое тело човечко и со страв и трепет да стои, и во себе да не помислува ништо земно, зашто Царот над царевите и Господ над господарите доаѓа да се заколе и да им се даде на верните како храна“.Доколку го слушнеме тоа молчење Божјо, ќе ни биде дадено да дознаеме за Неговата победа, која веќе се изврши. Таа победа им се открива на верните што не отстапија од Господа во сите овие свети дни во постот.Да Го љубиме брака и сестри Христа онака, како што Го љубеле светите мироносици, апостолите и сите Негови верни слуги.Очистени од духовните нечистотии, да се здобиеме со Божјата благодат, па да отстраниме секаква злоба и пакост, секаков грев и лоша помисла, а во нашите срца и души да се всади силна и непоколеблива вера.