ВЕЛИКА САБОТА во храмот на Светиот Христов гроб во Ерусалим
На ден 15. 04. 2023 година, на ВЕЛИКА САБОТА во храмот на Светиот Христов гроб во Ерусалим повторно се појави Благодатниот оган, едно од чудата во Православието што секоја година се случува на Велика Сабота пред празникот над сите празници Воскресението Христово – Велигден. Оваа година за прв пат на настанот на слегувањето на Благодатниот оган, односно на молитвениот чин присуствуваше наша црковно-државна делегација. По благослов и со одлука на САС на МПЦ-ОА прв архиереј пратеник од нашата МПЦ-ОА кој оваа година го зема Благодатниот оган од Ерусалимскиот храм, беше Неговото високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф ,придружуван од архимандритите Анатолиј и Кирил од Бигорскиот манастир, а државната делегација ја предводеа Министерот за внатрешни работи г-дин Оливер Спасовски, Министерката за култура Бисера Костадиновска и директорот на КОВРЗГ г-дин Даријан Сотировски. Благодатниот оган од Ерусалим пристигна во Р. Македонија на меѓународниот аеродром во Скопје и беше преземен од свештени лица и пренесен низ епархиите на Македонската православна црква - Охридска архиепископија. По доаѓањето Светиот оган Митрополитот г. Јосиф истиот му го предаде на Неговото блаженство Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана прима г. г. Стефан во резиденцијалниот манастир „Св. Георгиј Победоносец“ во Скопје.