ВЕЛИКИ ЧЕТВРТОК

На 17.04.2025 година, на ВЕЛИКИ ЧЕТВРТОК, во Лешочкиот манастир, надлежниот Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше Вечерна со Василиева литургија. На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. По Литургијата беше извршен чинот на Општ маслосвет. На литургијата беседеше Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф кој меѓудругото истакна: Велики Четврток, браќа и сестри, е голем празник на нашата Света Православна Црква. Ме радувате во Господа што денес гледам Лешочкиот манастирски храм е исполнет со верници. Слушнавте во денешното Свето Евангелие колку Бог го возљубил овој свет, така што го дал и Својот Единороден Син, та секој што ќе поверува во Него, да не погине, но да има живот вечен. На Велики Четврток мили мои почнува светотаинскиот живот на Црквата. На Велики четврток се одбележуваат настаните што се случиле пред да тргне Спасителот на доброволните страданија. Во овој ден си спомнуваме за Тајната вечера и сè што се случувало тогаш: подготовката, миењето нозе на апостолите, поуката за смирението и братољубието, посочување на предавникот и излегувањето на Јуда од вечерата, востановување на Светата евхаристија, најава за Петровото одрекување, Прошталната беседа на Христа со 11 апостоли, завршувањето на Тајната вечера и излегувањето од Ерусалим кон Елеонската Гора – во Гетсиманската Градина. Евангелските текстови ги опишуваат сите тие настани, а светите отци и учителите на Црквата ги разјаснуваат и ги толкуваат, низ своите поуки и текстови. Четивата од овие случувања се трогателни и многу чувствени, а мислите се насочуваат кон Бога и Неговата преголема жртва за нас. Тоа е изразено и во богослужбените песни и во молитвите. Ние сме внесени во тоа и созерцателно ги предаваме нашите мисли, чувства и волја на Бога. Да бидеме со Него во последните мигови на страданијата, да бидеме Христови сострадалници, во сета мака и страдание. Такво треба да биде нашето христијанско срце – сочувствено и сострадално. Сите ние кога го празнуваме овој празник и сите овие празници во оваа седмица наречена „Страсна седмица“, не треба да ги доживуваме само како некаков спомен од настаните што се случиле, бидејќи овие настани постојано се случуваат. Христос нашиот Бог и Спасител, заради нас дошол во светот, и затоа во овие празнични денови, ние треба целосно да се предадеме на празничните богослужби и сè што слушаме, од она што се пее и чита, да се потрудиме да го доживееме, ако сакаме вистински да ги прославиме Страдањата на Христа нашиот Бог и Спасител и Неговата Крстна жртва, односно смртта на Крстот со која нас не откупи од гревот и смртта и не врати повторно во единство со Троичниот Бог. Секогаш да просиме од Бога, до последниот миг од нашите земни дни, да нè удостојува со причестувањето со светите Тајни, та и на нашиот смртен час да не бидеме лишени од светата Причест, а и во вечниот живот да се удостоиме да се соединиме со Бога. Имајте благословени денови и доаѓајте во храмовите на богослуженијата, за да ја почуствувате и радоста на Воскресението.