Влегувањето на Господ Исус Христос во Ерусалим – Цветници
На 09.04.2023 година, кога Светата Црква го празнува Влегувањето на Господ Исус Христос во Ерусалим – Цветници, во Соборниот храм Пресвета Богородица-Гостивар, беше отслужена Света Архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Пред започнувањето на Литургијата, според обичајот на Светата Православна Црква, беа осветени врбовите гранчиња, а нашиот Митрополит им ги подели на верниците. На Литургијата присуствуваше многуброен верен народ, кој во голем број пристапи кон светиот Путир. На крајот, Митрополитот г. Јосиф му се обрати на верното стадо со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Се приближува крајот на постот, а се доближува радоста на Празникот над празниците Воскресението Христово – Велигден. Веќе зад нас се шест седмици на Великиот пост, а пред нас е Страсната или Страдална седмица, седмицата на Христовите доброволни и спасителни страдања. Во оваа недела што ни предстои целиот наш фокус треба да го насочиме кон Христа, Кој со влегувањето во Ерусалим и со тргнувањето на Голгота, заради нас го исполнува севкупниот домострој на спасението. Наоѓајќи се во овој храм со врбови гранчиња во рацете, денес сите ние сме сведоци на Христовото влегување во Ерусалим, бидејќи „наоѓајќи се во Неговото Тело, во Црквата, ние имаме една Глава – Него“, вели во својата беседа за овој празник светиот Григориј Палама, кој нè потсетува дека сите ние, кои имаме една надеж, сме повикани заедно во овие денови пред самиот празник - да се љубиме еден со друг, да се трудиме еден за друг, бидејќи сме соединети едни со други. Но и да веруваме во Бога. И токму пред самите Негови страдања, и треба да се запрашаме дали вистински веруваме во Него? – Ако вистински веруваме во Него – во оваа недела треба активно и ние сите да соживуваме со Него, да го созерцаваме Неговото дело и да Го носиме Неговиот крст, следејќи го Неговиот трнлив пат до Распетието, за на крај да го доживееме како свое и Неговото Воскресение. Затоа апелирам до сите православни христијани, дека во престојните дни е време благопријатно, самиот ден на спасението, па затоа, според павловите зборови да ги отфрлиме сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на Светлината. Да одиме чесно како дење“ (2 Кор. 6, 2) – зашто ни се приближува сеќавањето на спасоносните Христови страдања, се приближува нова, голема и духовна Пасха, награда за бестрастието - почетокот на идниот век, подготвен за оние, кои не само денес ќе одат со Христос, туку и во наредните денови ќе го продолжат тој пат да го одат во своето срце, во својот Ерусалим, за да очистени и ние воскреснеме на денот на Христовото воскресение, заедно со Него, причестувајќи се со Неговите спасителни тајни, и сега и секогаш и во сите векови. Амин!