Воскресението на четиридневно упокоениот Лазар – Лазарева сабота

На 12.04.20225 година, кога црквата го слави Воскресението на четиридневно упокоениот Лазар – Лазарева сабота, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, богослужеше  Светата Златоустова литургија во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Гостивар. На Светата литургија верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. На литургијата беседеше Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф кој меѓудругото истакна: Воскресението на Лазар се случи за да се утврди нашата вера во општото Воскресение кое ќе се случи на крајот од вековите, кога ќе воскреснат сите луѓе и ќе се јават пред Господа Исуса Христа, Кој прв воскресна самовласно од мртвите, откако претходно претрпе најгорка смрт со распнување на крст. Воскресението на Лазар не е само историски настан или легенда, туку живо сведоштво за моќта на Христа која го потврдува општото Воскресение на крајот од времето. Секој од нас ќе застане пред Христа, Кој не само што воскресна од мртвите, туку и го понесе крстот на најголема жртва за сите нас. За денешниот празник, кај нашиот македонски народ има многу обичаи и традиции. Исто така и овде во Гостивар се негуваат тие обичаи и убаво е кога си ги чуваме и негуваме традициите и обичаите. Како што слушнавте денес од прочитаното евангелие кое ѓаконот ни го прочита, прекрасно ни се долови што ние денес всушност празнуваме. Господ Христос, подготвувајќи се за пат кон Витанија, им вели на Своите апостоли дека Лазар, Неговиот пријател заспал и дека треба да одат, за да го разбудат. Апостолите не ги разбрале овие алегорични зборови од Господа, па кажале: „ако заспал, ќе се разбуди" (Јн. 11, 12). Но, Христос не мисли на обичен сон, туку сонот го поистоветува со упокојување. Кога ќе пристигне во Витанија, каде што живеел Лазар, неговите сестри Марта и Марија, кога слушнале дека доаѓа Христос, излегле да Го пресретнат. Марта, пресретнувајќи Го Христа Му вели: „Господи, ако беше Ти овде, брат ми немаше да умре" (Јн. 11, 21). Христос ѝ одговара: „Твојот брат ќе воскресне"(Јн. 11, 23). Марта му вели дека знае дека ќе воскресне, но на сеопштото воскресение. Ја повикува и сестра ѝ Марија, а таа пак, исто така од жалост ги повторува зборовите на Марта. Но, Христос не ја испитува нејзината вера. Христос знае дека таа е цврсто уверена и убедена во Неговата наука. Затоа и им вели: Да појдеме на гробот Лазаров. Кога пристигнува на гробот, наредува да се оттргне гробниот камен со кој бил затворен гробот на Лазара. Марта реагирала, укажувајќи дека е веќе четврти ден откако е погребан и телото веќе е во процес на распаѓање, и создава непријатен мирис. Но, Христос застанува пред гробот и извикува со силен глас: "Лазаре грјади вон (Лазаре излези надвор)!" (Јн. 11, 43). Лазар веднаш се разбудил, а Христос наредил да ги одвиткаат повоите со кои бил завиткан Лазар според јудејскиот обичај.
Ова чудо брзо се прочуло по цела Палестина, а особено во Ерусалим, кој се наоѓа во непосредна близина. Со воскресението на Лазара, Господ Исус Христос сака да нѐ поучи и да ни каже дека човекот е создаден од Бога за вечност, а истовремено дека смртта не е Божја креација, туку таа се појавува како последица на гревот. Исто така, Христос покажува дека Тој има власт над смртта, како и над гревот. Би сакал на крајот од оваа мое слово, да ве потсетам дека започнува и Страсната Седмица, кога повторно се потсетуваме
и ги преживуваме сите Христови страдања, кои Он доброволно ги поднесе заради нашето спасение и помирување со Бога. Затоа, со голема љубов во Христа, ве советувам сите да се потрудиме да земеме учество во Христовата Голготска искупителна жртва, поднесувајќи барем малку труд и жртва заради
спасението на вашите души. Имајте благословени денови. Оние кои денес имате имендени нека ви бидат честити и благословени.