Воздвижение на чесниот и животворен Крст - Крстовден
На 27.09.2022 година, денот кога го прославуваме празникот Воздвижение на чесниот и животворен Крст - Крстовден, во храмот Св. Атанасиј при Лешочкиот манастир , беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф во сослужение на протоереј-ставрофор Мирко Станковски , ереј Велјанчо Огненовски и ѓакон Благоја Максимовски . Пред започнувањето на Литургијата, според Црковниот устав, насреде храмот беше изнесен светиот Крст, каде што беше воздвижен, а свештенството и верниот народ се поклонија пред духовното оружје, кое е слава на Црквата, поткрепа на верните, слава на ангелите и рана за демоните.Триумфално оружје на сите христијани, царско победоносно пристаниште на владетелите ! Животворен знак, кој ја обновува раслабената човечка природа, ја ослободува од прангите на гревот и носи победа над смртта, дарувајќи живот вечен.