Втора Недела од Великиот Пост
На 16.03.2025 г. во Втората Недела од Великиот Пост (Недела на Свети Григориј Палама), во храмот ,,Успение на Пресвета Богородица"-Гостивар, митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј богослужеше света Василиева литургија. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. Во својата беседа кон благочестивиот народ, митрополитот г. Јосиф меѓудругото нагласи: Драги браќа и сестри, верувам дека сите овде присутни во овој храм во Гостивар, знаете дека втората недела од Велигденскиот пост светата Православна Црква ја посветила на свети Григориј Палама. Овој угодник Божји бил Архиепископ Солунски. Тој бил просветлен човек и знаменит богослов, стекнувајќи се со искуство во монашкиот живот на Света Гора Атонска. Во XIV век тој стекнал слава како голем и прониклив духовен мислител. Во неговите дела тој ја опишал природата на Таворската светлина, утврдувајќи дека таа светлина што ја покажал Христос на Своите ученици на Тавор не била обична светлина, како што сметале некои, туку видување на несоздадена божествена енергија, односно на Божјата благодат. Постот е реална можност и средство да се победи гревот и да се очистат пороците и страстите. Затоа постот и се јавува како средство за Богопознание. Од светото Евангелие ние ги знаеме зборовите дека само чисто срце може да го види Бога (Мт. 5, 8). Затоа и ние денес треба да размислуваме за тоа: што е постот? Постот е правиот и најдобар пат по кој можеме да го совладаме гревот и да го очистиме нашето срце, а тоа значи да Го видиме Бога. По тој пат поминале многу луѓе. А кога човек ќе се сретне со Бога, кога ќе ја почувствува Неговата благодат, тој сака без сомневање тоа да го сочува преку целиот свој живот. Испосничкиот живот на денес празнуваниот свети Григориј Палама нека ни послужи за најдобар пример, но и образец за поддржување на деновите преку Велигденскиот пост. Слично на него да го пазиме и почитуваме постот, како што ни доликува на вистинските христијани, без да го посветуваме вниманието на лекомислените луѓе, кои без да ја познаваат верата, го одрекуваат постот и молитвата. Да запамтиме дека постот дава торжество на духот над материјата; постот ја зацврстува верата – таа невообичаена духовна сила, која само таа на човек му дава поголемо достоинство, издигнувајќи го над земните влекачи, а истовремено го доближува до Бога. Амин! Му благодарам на митрополитот г. Григориј кој денес дојде да богослужиме света литургија овде во Гостивар, во градот на гостољубието. Владико, Ви го честитам именденот и нека Бог Ви дари здравје и сили уште долги години да богослужиме заедно.