Прва среда од Великиот пост, во  Соборниот храм „Св Кирил и Методиј“ –Тетово

На 25.02.2025 година, во Првата среда од Великиот пост, во  Соборниот храм „Св Кирил и Методиј“ –Тетово, беше отслужена света архиерејска Литургија на претходноосветени дарови, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на протоереј Александар Стојаноски и протоереј Илија Сламков. Православните христијани кои со пост, молитва и исповед се подготвуваа во изминативе денови, пристапија да се причестат со Светите Христови Тајни.По завршувањето на Литургијата, Митрополитот г.Јосиф се обрати кон верниците со пригодна беседа и меѓудругото нагласи: Оваа Света Божествена Литургија, што денес ја отслуживме, во соборниот храм овде во Тетово е првата Литургија на претходноосветените Дарови во овој пост, всушност е вечерна богослужба, на која осветените Дарови или Причесната, Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител, беа осветени во Сирната седмица. Светата Православна Црква, во средата и петокот од оваа седмица, на своите духовни чеда им ги нуди Светите Дарови, заради преголемата ревност што тие ја покажуваат кон верата и нивната желба да не се одвојат на подолго време од Христа нашиот Бог и Спасител, односно од Неговите Свети Тајни, од Неговите Свето Тело и Неговата Света Крв т.е. Причесната. Токму затоа, Света Црква, како грижлива мајка има љубов кон верните и не сака да ги лиши од Причесната, особено оние кои тримират и покажуваат голема ревност во Велигденскиот пост.
Периодот на Великиот пост за нас христијаните е време во кое треба да се оддалечиме од сите светски суети и да се насочиме кон внатрешно делување задлабочувајќи се во нашата душа. Така ќе ги искорениме сите сокриени страсти и пороци. Спомнувајќи си за четириесетдневниот пост на нашиот Спасител во пустината заради наше спасение, да ни се засилат молитвите и воздржанието не само во јадење и пиење, туку и во мислите и чувствата. Така ќе отстраниме од себе сѐ што може да нѐ оскверни. Тоа ќе го направиме преку исповедањето на нашите гревови примајќи прошка за нив. Да се помолиме, браќа и сестри, преку молитвите и застапништвото на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Светите Кирил и Методиј во чиј храм денес богослужевме овде во Тетово, Господ да нè просветли во овој Свет Велигденски пост, да го читаме Светото Писмо и другите богоугодни книги, да доаѓаме во храмот на молитва, на Божествените Литургии, на Вечерните служби и на повечеријата, на Акатистите, па така духовно просветлени, да можеме да се избориме и ослободиме од лукавиот.