Прејди на главна содржина

МПЦ - ОА Тетовско - гостиварска епархија

Работна средба со градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами и тетовскиот муфтија, д-р Селвер Џемаили

Зоран Богоевски 09.11.2026

Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, денеска оствари средба со тетовскиот муфтија, д-р Селвер Џемаили и митрополитот на Тетовско-гостиварската епархија, г. Јосиф, со кои разговараше за најновите случувања во Тетово, односно за изолираните меѓуетнички инциденти, кои некој се обидува да ги искористи за сопствени цели.

Од оваа средба, соговорниците упатија заедничка порака, повикувајќи на мир, толеранција и меѓусебно разбирање меѓу сите заедници.

Тетово е наш заеднички дом. Мирот, безбедноста, благосостојбата и соживотот се наша заедничка одговорност.

Нашиот град е пример за заеднички живот меѓу сите етнички заедници, кои живееле и продолжуваат да живеат во целосна хармонија. Во никој случај нема да дозволиме некој да ги злоупотребува децата и да поттикнува меѓуетнички тензии.

На средбата, соговорниците ја изразија подготвеноста за воспоставување заедничка платформа за соработка со верските институции, училиштата, родителите и граѓанските организации, со цел организирање средби, дијалог и културни, едукативни и спортски активности, кои ќе ги зближат младите.

Цврсто веруваме дека мирот, толеранцијата, културата, комуникацијата и почитувањето се единствените патишта за унапредување на сите процеси, за изградба на здраво општество и достоинствено семејство, се наведува во заедничката порака.

Денес, повеќе од кога било, имаме потреба да покажеме дека нашите разлики не нè разделуваат, туку можат да нè збогатат; дека нашите верувања не нè прават непријатели, туку нè поттикнуваат кон доброто.

Во тој дух, средбите со сите вклучени страни ќе продолжат, бидејќи иднината на Тетово се гради единствено преку соработката на сите негови граѓани.
превземено од: https://www.facebook.com/share/p/1ECdq3dA3S/?mibextid=wwXIfr