На 19.07.2026 год. Во Седмата недела по Педесетница, на денот посветен на преп. Сисој Велики, кој во тетовскиот крај посебно се почитува овој светител, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, богослужеше Света Златоустова Литургија во параклисот посветен на “св. Сисој Велики”–при храмот ,,Пресвета Богородица" во Тетово, во сослужение на свештеници од Тетовското архиерејско намесништво. На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. По Литургијата беа благословени празничните кумски лебови. Свое слово изрече Митрополитот г. Јосиф кој меѓу другото нагласи: Секоја година со голема радост богослужиме света Литургија овде во горно мало во Тетово, каде пред неколку години го осветивме параклисот посветен на денешниот светител Сисој Велики, заштитникот на децата, кој во нашиот тетовски крај има голем развиен спомен и почит. Преподобен Сисој Велики бил родум од Мисир во денешен Египет и ученик на свети Антониј. Со напорна работа на себе, тој се скроти толку многу, што ќе биде кроток и невин како јагне. Затоа Бог му дал голема благодат, да лекува болни, да изгонува нечисти духови и да воскреснува мртви. Како ваш владика радосен сум што гледам храм исполнет со верници, особено гледам млади луѓе кои активно ја живеете и практикувате верата. И се молам секогаш вака да ве гледам како духовно растете во верата, а што помалку да слушам неубави вести за врсничко насилство, како младите заборавиле на Бога и на нашата убава православна вера, која не учи само на љубов кон ближниот.
Добро е денес да се потсетиме за што доаѓаме во храмот, особено важно е да се трудиме што повеќе да присуствуваме во храмот, да го посетуваме редовно, да се однесуваме примерно во храмот, бидејќи тој не е само Божји дом, туку и наш дом. Оние кои веруваат, се собираат во храмот како членови на едно семејство, како деца на Единиот и ист Отец Небесен. Овде сите се чувствуваме како браќа и сестри. Сите најважни случувања на верните се сврзани токму со самиот храм. Сите сме во храмот крстени т.е. духовно родени, па затоа храмот во духовна смисла претставува наша родна куќа; во храмот сме миропомазани и духовно израснати, некои го добиле благословот за монашки живот во него, други го добиле благословот за својот брачен сојуз; тука сите ние преку Светата Евхаристија доаѓаме до најживо општење со своіот Спасител Господ Исус Христос; и најпосле, повторно тука, за последен пат, ќе бидеме донесени како упокоени, за мајката Црква да се помоли за заминувањето од овој земен кон небесниот живот. Што значи, целиот наш живот овде на земјата е поврзан со храмот. Затоа, да го чуваме ова место како наше најголемо богатство. Нека е честит денешниот ден посветен на светиот Сисој Велики и нека се моли на Бога за сите вас и вашите семејства и рожби. За многу години!
Седма недела по Педесетница
Зоран Богоевски
19.07.2026
1 / 7