Собор на светиот Архангел Михаил
21.11.2025 година, на денот кога го прославуваме празникот Собор на светиот Архангел Михаил и другите бесплотни Сили, во храмот ,,св. Архангел Михаил" во с. Непроштено-Тетовско, беше отслужена Света архиерејска литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. По завршувањето на Литургијата беше благословен празничниот колач, а Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниците со пригодна беседа на која меѓудругото истакна: Денес сме во прекрасното и живописно Непроштено, каде нашите предци изградиле храм посветен на денешниот празник Архангел Михаил. Богоносното име на небескиот Архистратиг Михаил е всушност, изведенка од хебрејска фраза и претставува реторичко прашање: „Кој е како Бог?“, чијшто одговор е: „Никој не е како Бог”. Светата Црква учи дека постојат повеќе видови на бестелесни ангелски сили. Св. ап. Павле, кога бил издигнат на третото небо, вели дека видел девет чинови и дека се поделени на три ерархии и тоа: Престоли, херувими и серафими во првата ерархија, во втората се господства, сили и власти, и во третата ерархија начала, архангели и ангели. За сите овие чинови имаме сведоштва во Стариот Завет, кај пророците, особено кај Исаија. На чело на сите ангелски чинови, поставен од Бога, стои Архангел Михаил. Гледајќи ја сите ние иконата на светиот Архангел Михаил во овој храм посветен на него, да се трудиме како светите ангели и ние постојано да имаме љубов, едномислие и послушност кон Бога и меѓу себе. Да се помолиме на светиот Архангел Михаил, на останатите свети ангели и на нашиот ангел – чувар, да нè сочуваат и запазат од сите лукави замки и непријатности, и како што се вели во Молебниот канон кон Ангелот чувар – да се помолиме да не научи на небескиот живот, вразумувајќи не, просветлувајќи не и укрепувајќи не во верата и во животот духовен. Свети Архангеле Михаиле, ти како наш пазител, заедно со останатите ангели, наши застапници, секогаш кога сме очајни и немоќни пред демонските напади, дојди ни на помош, помагајќи ни да се избавиме од искушенијата, за да постојано и ние заедно со ангелските хорови Го славиме Оној, Кој е постојано славен од илјади Aрхангели и миријади Aнгели, Херувими и Серафими, шестокрили, многуоки, кои лебдат, крилати, постојано сега и секогаш и во сите векови! Имајте благословен ден. Оние кои денес имате именден или куќна слава нека ви е честито и благословено. Свети Архангел Михаиле и останати ангели, молете Го постојано Бога за нас!
