Прејди на главна содржина

МПЦ - ОА Тетовско - гостиварска епархија

Соопштение за неодамнешната изјава на српскиот претседател г. Александар Вучиќ

Зоран Богоевски 13.08.2026

По повод неодамнешната изјава на српскиот претседател г. Александар Вучиќ, дадена во Мркоњиќ Град за тоа дека „Српската Црква е иста и во… Скопје…“, Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), потсетува дека, како легитимен носител на благодатната полнота на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, а воедно и како наследничка на Јустинија Прва и на обновената Охридска Архиепископија, МПЦ – ОА ја остварува својата духовна и пастирска мисија кон сите православни христијани на својата канонска територија, без каква било условеност од нивната национална, политичка, културна или етничка припадност. 

Длабоко свесна за својата историска улога и за одговорноста во духовниот живот на македонскиот народ, а водена од евангелските начела и богатото православно предание, таа останува Црква отворена за сите, обединувајќи ги своите верни во единството на верата и во евхаристиското заедништво, надминувајќи ги сите минливи политички, идеолошки и општествени поделби.

Евангелието Христово, верата во Воскресението и благосостојбата на доверените души се основната и единствена водилка во дејствувањето на МПЦ – ОА и ги отфрла сите политички, идеолошки светови или платформи, од каде и да доаѓаат.

Од Канцеларијата на САС на МПЦ – ОА

 

prevzemeno od: link