Св. Атанасиј Велики

На 31.01.2026 година, на празникот Св. Атанасиј Велики, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф служеше Света Златоустова литургија во храмот „Св. Атанасиј“ – Тетовско кале. На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. Покрај многубројниот верен народ, на Литургијата присуствуваше и Претседателот на владата на Р. Македонија проф. д-р Христијан Мицковски,министерот за правда г.Игор Филков,пратеници од собранието на Р.М,градоначалникот на Куманово г.Максим Димитриевски и директорката на КОВЗРГ г-ѓа Оливера Трајковска. По Литургијата Митрополитот изврши благословување на кумските лебови. На Литургијата беседеше Митрополитот г. Јосиф кој меѓудругото нагласи: Денес браќа и сестри, радосни сме што еве и оваа година дојдовме да богослужиме Света литургија во храмот посветен на св. Атанасиј, овде на Тетовско кале. Многу храмови во нашата епархија се посветени на денешниот светител. Во Брвеница, Седларце, Фалише, Сараќино, Ратае, Лешок...што сведочи дека овој светител има голема молитвена почит во Полошкиот регион. За жителите на Тетово овој храм овде на Тетовско кале има особено значење, бидејќи претставува светило кое свети на врв планина. Денес во храмот посветен во негов спомен, дојдовме да го прославиме големиот заштитник на верата наша, дојдовме да му ја оддадеме заслужената чест на светиот Атанасиј Велики, архиепископот Александриски, кој неизмерно ревнувајќи за вистината и правдата, бранејќи го Православието од лажните учења, претрпел дури гонение и страдание. Заради мноштвото негови животни дела – Севишниот Бог го удостоил со вечно блаженство во Царството небесно. И во нашево време, како во ниту едно друго време се соочуваме со релативизирање на вистината. Во овој свет, кога владее морална ерозија од ненормални размери, секојдневно се среќаваме со безброј лаги и присуството на лагата, кое се јавува како отсуство на вистината. Многумина се користат со лаги и бегаат од вистината, но ние како христијани треба секојдневно да се трудиме по примерот на свети Атанасиј Велики да ја бараме и да се бориме за вистината, да опстојуваме во вистината, бидејќи само таа ќе не направи слободни личности, според зборовите на нашиот Спасител: „Ако вие останете при Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици; и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи”.
Патот до Божјата вистина не е лесен. Тој е истиот оној пат преку кој Божјата вистина доаѓа во светот. Тоа е патот до Крстот. Заедницата која Го следи Христос мора со Него да појде и на Крстот, да пострада за вистината. Невозможно е да ја најдеме и да опстојуваме во вистината и слободата, ако себе си не се предададеме на судот на Божјата вистина. Вистината и слободата нè водат и до љубовта. И денес многумина христијани, заради нивната вистина и слобода, ќе бидат и се замразени од светот и дури ќе бидат гонети како светиот Атанасиј, но на крај христијанската љубов ќе победи. Љубовта секогаш победува – како што вистината е секогаш една. Да не се плашиме од вистината и правдата, туку да ги имаме во нашите срца и мисли. Нив да ги сведочиме и со нив да живееме и по цена на страдање, бидејќи: Блажени се гонетите заради правда, зашто нивно е Царството небесно! (Матеј 5, 10). Да ги упатиме нашите мисли кон животот на светиот Атанасиј, да го следиме и да ги упатиме нашите молитви кон него, да ни помага и да нè насочува кон вистинскиот пат до спасението, да ни биде наш закрилник пред Бога, за да ни даде благодат да издржиме во страданијата и борбата против лагите и невистините од овој свет, та да го здобиеме ветеното царство кое не е од овој свет, а кое е подготвено за оние од овој свет, кои неизмерно ја засакаа правдата и вистината. Амин! За многу години, нека е празникот, а на оние кои го прославуваат споменот на светиот Атанасиј – нека им е вечна славата! Честито и благословено кумството на овогодишните кумови.