Св. вмч. Георгиј- посен
09.12.2025 Св. вмч. Георгиј- посен, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во манастирот „св. вмч. Георгиј Победоносец“ во с.Туденце – Тетовско, изврши водосвет и го благослови-прекрши празничниот леб. Во својата беседа Митрополитот г. Јосиф меѓу другото истакна: Драги браќа и сестри туденчани, еве како и секоја година сме тука во оваа манастирска црква посветена на св. Георгиј. Зборот Црква има небоземно значење. Неа ја основал нашиот Спасител Господ Исус Христос, Кој и ја возглавува. Ние православните христијани терминот црква го употребуваме со две значења: како заедница на православни верници и како свето здание, храм Божји, дом за молитва, каде што верниците му се молат на Бога. Во храмот каде што се собираме како црква, живее и присуствува Бог. Црквата е средиште и основа на нашиот духовен, молитвен и богослужбен живот. Црквата е душа за животот на верниците. Таа е нашиот брод на спасението како што бил Ноевиот брод и скинијата во Стариот завет, а потоа и познатиот Соломонов храм. Во неа се извршува сѐ што е потребно за спасението на луѓето. Ние христијаните преку Светата тајна Крштение пристапуваме во Божјата Црква, а станувајќи нејзини членови имаме обврска да ја посетуваме и почитуваме Црквата и во Божјиот храм, црквувајќи се да се издигнуваме, да патуваме од земјата кон небото, од земното кон небесното, од материјалното кон духовното и постепено духовно растејќи, да се усовршиме и да го здобиеме спасението – кое е цел на нашиот христијански живот. Токму затоа црквата и храмот треба да ни бидат центар на нашиот живот. Секој човек, а особено ние христијаните треба со почит да се однесуваме кон храмот – црквата. Поминуваме ли покрај црква, треба да погледнеме кон светиот Божји дом, да се прекрстиме или барем да испратиме молитвена мисла кон него. Денес, мили мои, повторно празнично сме собрани во слава и чест на светиот славен и сефален великомаченик Георгиј Победоносец. Ова е, впрочем, третиот негов празник во текот на годината, кога се спомнува издигнувањето и осветувањето на неговиот велелепен храм во Киев, од страна на киевскиот кнез Јарослав Мудриот (1019 – 1054), во светото крштение наречен Георгиј. Сите ние треба да извлечеме една поука од животниот пат на св. Георгиј, дека треба цврсто да веруваме и да Го исповедаме нашиот Спасител Господ Исус Христос, Кој од преголема љубов кон човечкиот род, слезе од небесните височини, прими тело од Света Дева Марија, поучуваше, правеше чуда, лекуваше секакви болести и на крај неблагодарните луѓе Го предадоа, претрпе страдања и понижувања и беше распнат и тоа на крст, како разбојник, иако не направи никаков грев, но исто така славно и победоносно воскресна. Да се обратиме со искрена молитва кон св. Георгиј, да всади во нашите души барем малку од неговата силна вера, та и ние да можеме да го исповедаме и да посведочиме дека сме негови следбеници. Сите вие кои го носите неговото име и славите слава денеска, нека ви биде благословена славата, а св. Георгиј нека биде ваш молитвеник и застапник пред Бога. Амин!
