Прејди на главна содржина

МПЦ - ОА Тетовско - гостиварска епархија

Свети рамноапостолни Кирил и Методиј

Зоран Богоевски 24.05.2026

На 24.05.2026.,кога го празнуваме споменот на Светите рамноапостолни Кирил и Методиј, Митрополитот Брегалнички г.Иларион во сослужение на надлежниот митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф отслужи Божествена Литургија во храмот„Свети Кирил и Методиј“ во Маврови Анови-Маврово.На литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.По литургијата Митрополитите г. Јосиф и г.Иларион ги благословија кумските лебови.Митрополитот г.Јосиф се обрати кон присутните верници со пригодна беседа на која меѓудругото нагласи:Ваше високопреосвештенство почитуван владико Иларион,драги браќа и сестри.Во овој мајски ден, дојдовме во Маврови Анови, во ова светилиште со прекрасен поглед, да го прославиме споменот на Словенските просветители, учители и рамноапостоли, светите браќа од Солун – Кирил и Методиј.Да се прослави нивниот споменот – значи да се потсетиме на нивниот живот и на нивното богоугодно дело.Но,не треба само да се потсетиме на нивниот живот, туку и да ја подржуваме нивната вера за да на тој начин одбележувањето ја добие својата потполна смисла. Светиот апостол Павле во Посланието до Евреите, вели: „Помнете ги и вашите наставници, што ви го проповедаа словото Божјо, и, имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна“ (Евр. 13,7) – токму тие зборови, сите ние денес ги слушнавме од апостолското четиво. И навистина треба да се сеќаваме почесто на нашите просветители, на оние, кои го описменија словенскиот род.Денес, можеби како никогаш до сега треба да се запрашаме дали сме достојни ученици на светите браќа, дали достојно го следиме нивното дело и дали вистински и правилно ја живееме верата православна, која тие ја проповедаа низ Европскиот континент? – Ако бидеме искрени со себе си – треба да си признаеме и да се потрудиме да станеме подобри ученици, ученици кои ќе се потрудат подобро да си го знаат и почитуваат сопствениот јазик и азбука и својата православна вера. Јазикот и верата се дел од нашиот идентитет и тие нè прават препознатливи во светот. За да станеме подобри ученици треба да се потрудиме, да направиме подвиг во верата, бидејќи и таа се учи. Грешките и заблудите во верата доаѓаат од незнаењето, па затоа ние како одговорни родители, учители и духовници треба да се потрудиме нашите млади поколенија да ги воспитаме во духот на нашата вера.Да се потрудиме, читајќи го Светото Писмо, преведено од патроните на овој храм, светите Кирил и Методиј, нашето срце да стане амбар, кој во себе ќе прими што повеќе добродетели за да и ние како нашите рамноапостоли бидеме пример во верата, која треба сите да нè обедини, та заедно да Го прославиме Бога: Отецот, Синот и Светиот Дух и сега и секогаш и во сите векови!
Нека е за многу годи храмовиот празник на ова светилиште и уште долги години да го сведочи богоозареното дело на рамноапостолите Кирил и Методиј!Амин