г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски 21.11.2017 г Св. Архангел Михаил
Предводникот на ангелите
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата
(Лука 10,21)
Драги браќа и сестри,
Со овие зборови и ние денес ги подржуваме небесните ангелски хорови и од ова место Го прославуваме нашиот Бог, онака како што и ангелите предводени од светиот архистратиг Михаил Го прославуваат Него –
Царот на славата и на ангелските војски. Во овој ден кога го празнуваме споменот на светиот архангел Михаил и на сите Сили небесни и бестелесни, ние си спомнуваме за ангелите, кои се наши покровители и невидливи водачи во животот „
определени да им служат на оние што ќе го наследат спасението“
(Евр. 1,14).
При создавањето на светот Бог ги создал и ангелите како духовни и бестелесни, невидливи сили, кои ги поставил да ни служат за наша помош на патот кон нашето спасение. Дел од нив отпаднале од Бога и затоа имаме добри и лоши духовни сили. Добрите се нарекуваат ангели, а лошите демони или ѓаволи. Светото Писмо на своите страници ни говори за несфатливата големина на ангелите, кои се поделени на девет чина со три хиерархии. Самото име ангел означува весник, служител и пратеник. Тие се чувари на народи, царства, градови и села. Ангелите се и наши чувари. Секој од нас си има свој ангел пазител, ангел чувар, кој постојано бдее над нас.
Небесните ангелски војски си имаат и свои предводници, кои се нарекуваат архангели. Еден од тие архангели е и светиот архангел, архистратигот Михаил, чиј спомен денес го празнуваме. Спомнувајќи си за него важно е да се напомене неговата послушност, како и послушноста на сите бестелесни жители на небото, кои со полна радост и заемна љубов се во служба на Троичниот Бог. Таа нивна послушност е заоснована на божествената моќ на љубовта, која е највисок закон во Небесното царство, подготвено за сите оние кои го љубат.
Почитувани верници,
Небесните сили, ангелите не само што се наши чувари, туку тие и нивната служба треба да се постојан наш пример во нашиот подвиг. Ние како и нив и како светите апостоли и светиите треба постојано да бидеме во послушание на Бога и на нашиот духовен отец, постојано да се трудиме да Го славиме Бога и така да се трудиме да живееме ангелски, а да се живее ангелски значи да се живее добар и нормален духовен живот во овој живот и свет создаден од Бога. И ние треба да сме војска Христова на земјата –
како ангелската на небото. Да војуваме духовно против ѓаволските замки, против искушенијата од овој свет. Наше оружје во тоа војување треба да е скрушеното и смирено срце, бидејќи на Бога ништо не му е помило од срце смирено и скрушено. Самиот Он во него обитава, пред таквите срца секоја ѓаволска вештина станува немоќна и сите трулежни страсти на гревовите потполно изчезнуваат. А кога тие ќе изчезнат започнуваат да се развуваат плодовите на Духот Свет: љубовта, радоста, мирот, добрината, верата, смирението, трпението и сеопфатното воздржување. Тогаш ние како венец на целото создание, во нашиот живот ја живееме целта определена од Бога –
сме во една непрестана литургија со Него, во една постојана заедница, преку евхаристичниот начин на живот поминат во слава на Бога и во непрестано глаголење на денешните прекрасни евангелски зборови: Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата (Лука 10,21).
За еден таков живот, и не е потребно некое посебно знаење, бидејќи како што сведочи и денешното евангелие, тое е често сокриено од мудрите и разумните, а им е откриено на простите (спореди: Лука 10, 21), односно на оние кои се смирени и кои имаат вера и надеж во Бога и како што спомнав послушание кон својот духовен отец. За тоа ни сведочи и денешното евангелие, во евангелскиот стих, каде Господа Исуса Христа им се обраќа на своите апостоли, со следните зборови: „
Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша;
и кој се откажува од вас, од Мене се откажува;
а кој се откажува од Мене, се откажува од Оној што Ме пратил“
(Лука 10,16). Ако сме послушни на Бога и „
духовите ќе ни се покоруваат“
(спореди: Лука 10,20), но она што е поважно и за кое што треба да се радувате ако така успеете да живеете, е дека „
имињата ваши ќе бидат напишани на небесата“
(спореди: Лука 10,20) и ќе ликуваат заедно со светите ангели предводени од светиот архистратиг Михаил.
За ова треба сериозно да размислиме и да се подготвуваме за таа средба со ангелите, преку покајание, пост и молитва да стекнеме добродетели и да влеземе во соборот на небесните ангелски војски. Во послушание, треба да го градиме нашиот духовен подвиг и борба за да не бидеме непослушни и закоравено паднати во гревот и такви да не ја зголемиме толпата на паднатите демони во пеколот. Затоа навреме да посветиме внимание на својот духовен живот, на својата вера во Бога и грижејќи се да живееме според евангелските заповеди, постепено да се здобиеме со ангелски мисли и чусвства, а по молитвите на светиот архангел Михаил, Бог да нè удостои заедно со нив да Го славиме Неговото свето и великолепно име на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови!
Амин.
И нека е за многу години денешниот ангелски празник!