г. Јосиф, митрополит Тетовско – гостиварски 07.11.2017 г. св. Димитриј
г. Јосиф, митрополит Тетовско – гостиварски 07.11.2017 г. св. Димитриј
Светителот од Солун
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат;
ако Моите зборови ги запазеа, и вашите ќе ги запазат...
(Јован 15,17)
Драги браќа и сестри,
Во овој ноемвриски ден, дојдовме овде во храмот посветен на нашиот денешен славеник, на Божјиот светилник, великомаченикот Димитриј Солунски, да си споменеме за неговиот свет живот, за кој го добил небесниот венец од Христа, нашиот Спасител. Денес нашите мисли и молитви да ги упатиме кон светителот од Солун, големиот маченик за верата, преку кого Го прославуваме самиот Бог, бидејќи светиите се прославени од Бога, Кој е чудесен во своите светии.
Славата, која што Господ им ја дава на светителите е толку голема, што ако луѓето видат некој таков, веднаш би паднале на земјата од благовение – како што и ние денес се поклонуваме на нашиот заштитник и сострадалник, на светиот великомаченик Димитриј Солунски. Размислувајќи за неговиот свет живот и дела, мислите нè навраќаат во Солунската црква основана од апостолот Павле, која се развивала и служела за пример на сите останати цркви. Ревноста на солунските христијани била голема и тие го оставале многубоштвото и идолопоклонството и почнувале да Му служат на Единствениот и Вистинскиот Бог. Во III век и во градот Солун со кого управувал светиот Димитриј, благотворната вера Христова била прогонувана. Тој како родољубив христијанин, измолен од Бога од страна на неговите родители, кои својот син единец го воспитале со големо внимание – се грижел убаво да го уреди градот, но двојно повеќе се грижел со вера и морал да ги облагороди срцата на граѓаните. Затоа тој тајно ги просветлувал со благотворните евангелски начела. Но ова негово дело не можело да остане незабележано од непријателите на христијаните, кои барале згоден момент да му наштетат на својот управител свети Димитриј, а таков момент им се укажал кога христоборниот император Максимилијан дошол во Солун. Тогаш свети Димитриј бил предаден, означен како најревносен христијанин и фрлен во затвор. Уште пред да биде затворен, целокупниот свој имот му го предал на еден свој слуга по име Луп за да го подели на сиромасите во Солун, подготвувајќи се и самиот за мачеништво. Во чест на доаѓањето на царот биле приредувани вобичаени многубожечки забави со убивање на христијаните во солунскиот амфитеатар, каде прочуениот атлет Лиј си подигрувал со христијаните и ги фрлал во јамата на чие дно имало шилести копја, врз кои својот живот маченички го завршиле многу христијани. Еден добар младинец по име Нестор, неможејќи да го поднесе тоа страшно измачување на христијаните, откако побарал благослов од свети Димитриј, излегол на арената и успеал да го фрли Лиј во јамата. Нажален со загубата императорот го побарал виновникот и го нашол во лицето на свети Димитриј, кој му вдахнал сила на Нестор да го направи тој подвиг. Веднаш била издадена наредба свети Димитриј да биде измачуван. Заповедта била извршена, а светиот Димитриј бил маченички погубен. Истото го сториле и со Нестор и со солунскиот епископ Ахил. Тоа се случило во 306 година. Неговите чудотворни мошти почиваат во градот Солун.
Почитувани верници,
Маченички и страдално го завршил својот живот на земјата светиот Димитриј. На некој начин таков е крајот на светите луѓе. Сето тоа пророчки го кажал, нашиот Спасител во денешното евангелие, каде вели: „ Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазеа, и вашите ќе ги запазат...“ (Јован 15,20). Да се биде христијанин значи да се биде добар војник Христов, војник на љубовта и правдата Божја во животот. Затоа и светиот апостол Павле, во денешното апостолско читање му вели на својот ученик Тимотеј, а преку него и на сите нас: „ Поднесувај страдања, како добар Христов војник“ (2 Тим. 2,3). Свети Димитриј ја исполнил таа апостолска заповед, но и ние во секојдневниот живот, во страданијата од овој свет – треба да се трудиме да ја исполнуваме и да покажеме на дело дека сме вистински православни христијани.
Светиот Димитриј заради својата вера го примил венецот на славата како голем меченик за верата Господова, па токму заради тоа многумина од вас го прославувате неговиот свет спомен како домашна слава, како ваш заштитник на домашната црква. Во оваа прилика, во овој период на многубројни слави сакам да упатам една порака до сите верници за црковниот обичај наречен „ Слава“ , односно во врска со прославувањето на славите како ден во кој си спомнуваме за некој свет угодник Божји или за некој настан од спасителната историја на светот. Славата не е ништо друго, туку таа е начин на молитвено прославување на еден светител како заштитник на едно семејство или негов молитвен застапник пред Бога. На денот на својата слава, значи, семејството поревносно од вообичаено, го прославува и молитвено го велича својот свет покровител, а со тоа го прославува и велича и Господа на славата, „ прекрасниот во светиите Негови“ . На тој ден семејството поусрдно од вообичаено му се моли на својот свет застапник молитвено да посредува пред Семилостивиот Господ за милоста и благодатта Негови, за спасение и вечен живот, за учество во вечната слава, убавина и радост на Неговото небесно Царство.
Славата има соборен, црковен, соединувачки карактер, бидејќи таа има цел „ да не собере и соедини во вистинска братска христова заедница, во света Црква како собор божји, како собрание на децата божји“ , како литургија по литургија, токму затоа славата не е и не треба да биде богато гостење и опијанување, туку потполна спротивност со прејадувањето и опивањето, пцовките и кавгите, празнословието и суетата. Суштината на славата е изразена во самото име: тоа е славење на Бога и прославување на светите угодници Божји во чии ликови се открива и вистинската „ слава“ на секое човечко битие односно неговата неминлива убавина и неговото боголико достоинство. Главната содржина на славата е благодарење и молитва кон Господа, како и измолување молитвена заштита од светителот кој што го славиме.
Славата првенствено е духовно случување и доживување, па затоа е потполно погрешно да се сведува сè на матријалниот и земен аспект, а да се занемарува духовниот аспект, она што навистина е потребно, а само тоа едно што е потребно – е семејството во денот на славата најнапред да учествува на Литургијата и да се причести со Крвта и Телото Христови и со тоа да ја засведочи својата вера во Бога и не само во денот на славата, туку низ целиот свој живот.
Нека е честита храмовата слава и празникот на сите вас, кои денеска се собравте заедно да го прославиме свети вмч. Димитриј. По неговите свети молитви, Бог да нè помилува и спаси! Амин.