Прејди на главна содржина

МПЦ - ОА Тетовско - гостиварска епархија

ЧУВАЈТЕ ГО ХРАМОТ ЗА ДА СЕ ЗАЧУВАТЕ!

Зоран Богоевски 14.11.2026
ЧУВАЈТЕ ГО ХРАМОТ ЗА ДА СЕ ЗАЧУВАТЕ!

† Стефан,

Архиепископ Охридски и Македонски[1]

 

ЧУВАЈТЕ ГО ХРАМОТ ЗА ДА СЕ ЗАЧУВАТЕ!

 

         Неможејќи да бидам присутен меѓу вас, по поканата од вашиот надлежен архијереј, Митрополитот Европски г. Пимен, ја користам можноста, сепак, по Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, да ве поздравам и да ви посакам од Господа изобилни благослови и добрини! Од оправдани причини не дојдов за заедно да ги одбележиме настаните по повод чествувањата во вашиот велелепен храм, но со мислите сум со вас и да се надеваме во блиска иднина, ќе даде Бог, по молитвите на вашиот закрилник св. Наум Охридски, да бидеме заедно.

        

         Возљубени чеда на Македонската Православна Црква,

         Возљубени во Господа,

Јадрото на македонскиот народ, во најголема мера, е сочинето од неговиот христијански идентитет. Она што низ вековите најдлабоко нѐ определувало, она што ги обликувало нашите јазик, култура и традиции, е токму нашиот христијански бит. Македонецот живее со верата и преку верата, и малку нешта му се толку блиски и толку свои како храмовите и манастирите. Така е во Татковината, но така е и секаде каде што нашинците се населиле!

Да се потсетиме дека уште на крајот од 19 век, поради тешките општествени и политички прилики во поробена Македонија, многу млади Македонци почнале да заминуваат на печалба во прекуокеанските земји. И кога, по децении поминати во макотрпен труд, увиделе дека времената печалба станала трајно иселеништво, а она што некогаш било туѓина постепено станало своина, тие не заборавиле од каде потекнуваат и што им е најсвето. Напротив, веднаш посакале и во новите краишта да подигнат храмови, налик на оние што ги оставиле во родните места. Затоа започнале да формираат здруженија, од кои постепено израснале македонски црковни општини.

Така, уште пред да биде прогласена автокефалноста на возобновената Охридска Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква, нашинците на Австралискиот и Северноамериканскиот континент веќе имале свои македонски парчиња земја под тие нови, далечни неба. Имено, во 1960 година бил осветен првиот македонски храм во Австралија – „Света Петка“ во Мелбурн; во 1963 година никнал првиот храм во Соединетите Американски Држави – „Свети Петар и Павле“ во Гери, Индијана, а во 1965 година и првиот храм во Канада – „Свети Климент Охридски“ во Торонто, Онтарио.

И додека еден по еден во Новиот свет се подигале наши храмови и во многу тамошни градови се организирал македонски црковен живот, лека-полека, нашинците започнале да стануваат печалбари и во западниот дел на Стариот Континент. А тоа се случувало, најнапред, токму овде, во Скандинавија, каде што во 1973 година биле основани првите две наши црковни општини: „Свети Наум Охридски“ во Малме и „Свети Климент Охридски“ во Гетеборг.

Почетоците на организирањето на македонскиот црковен живот во туѓина, како што е и разбирливо, биле тешки и исполнети со многубројни предизвици. Но нашиот народ секогаш знаел зошто гради и за Кого гради. Тој знаел дека храмот не е само здание во кое се собира за богослужение, туку дека е дом во кој се среќава со Бога; дека е место во кое се преобразува заедницата и место од кое започнува нашето вистинско единство. И затоа успеал да изгради прекрасни светилишта, како овој наш храм во Малме, да изгради Божји домови на кои денес им се восхитуваат и архијереите на многу поголеми и помоќни Цркви и народи!

Градејќи ги храмовите нашинците во нив ги вградувале своите вера, надеж и љубов. И притоа не граделе само ѕидови, туку и себеси се вградувале во живото Тело Христово, станувајќи дел од духовното здание на Црквата, чиј темел е Самиот Христос.

Тие наши светилишта низ Европа, Северна Америка и Австралија го одржуваат силно запален огнот на православната вера насекаде каде што живее нашиот народ. Но, воедно, тие се и места во кои идните поколенија, растејќи далеку од родните огништа на своите предци, можат да го сочуваат мајчиниот јазик, да ги продолжат нашите обичаи, да ги знаат нашите песни и ора и да паметат кои се и од каде потекнуваат.

Затоа, нашите црковни општини треба да бидат не само средишта на литургискиот живот, туку и вистински духовни и културни огништа, места во кои верата ќе се пренесува од поколение на поколение, а македонското културно наследство ќе се чува и збогатува.

Инаку, мораме да признаеме дека во последниве дваесетина години се случува нов, силен бран на заминувања од Македонија, па многу европски градови станаа домови на повеќе Македонци отколку што ги има во некои наши градови. Таа состојба, се разбира, од една страна е тажна и загрижувачка, зашто сведочи дека Татковината ни се празни и дека многумина својата иднина ја бараат далеку од родниот крај. Но, од друга страна, има причина и за радост. А таа е во тоа што и вие, кои во наше време заминувате ширум светот, го покажувате духот на претходните поколенија: каде и да одите, не ја оставате верата зад себе, туку ја земате како најдрагоцено богатство!

Затоа нѐ радува кога слушаме дека и денес се оформуваат нови црковни општини во европските метрополи, дека се подигаат нови храмови и дека постојните стануваат сѐ поисполнети со верен народ. Тоа е знак дека нашата Црква живее, дека нејзиното пастирско дело продолжува и дека верата останува најсилната врска меѓу поколенијата.

А за таквиот развој на црковниот живот во Европа, несомнено, најголема заслуга има надлежниот архијереј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен. Еве, веќе дваесет години се навршија откако овој наш добродушен архијереј го зеде на себе епископскиот крст и ја презеде одговорноста за раководењето со оваа значајна епархија. Во тие дваесет години, исполнети со многу труд, тој подели со вас многу радости и одговори на многу предизвици.

Притоа, секогаш се покажуваше и се покажува како пастир кој умее да им пристапи на луѓето со непосредност и со искрена човечка топлина. Неговите кротост, ведрина и радост се препознатливи обележја на неговата личност. Како ретко кој, Митрополитот Пимен умее да негува близок, татковски однос со своите свештеници, да ги охрабрува и да ги поддржува во нивното служење, а кон верниот народ, пак, умее да пристапува со отворено срце, срце подготвено да сослуша, да утеши и да укрепи.

Слушајќи го и исполнувајќи го апостолскиот повик да им станеме сѐ на сите, за да придобиеме некои за Христа[2], Митрополитот Пимен знае да одвои време и за првите и за последните, и за најсилните и за најслабите. Неговата христолика душа знае дека Бог не гледа на лице[3] и дека во секој човек е втиснат образот Божји.

Едноставно кажано, во својата архипастирска служба, Митрополитот Пимен покажува дека епископот не е само оној што административно раководи со епархијата, туку дека е, пред сѐ, оној што го собира народот околу Христа.

Затоа, возљубен мој собрате Пимене, во овој значаен јубилеј, кога со благодарност кон Бога си спомнуваме за денот кога Ве удостои со епископскиот чин пред сѐ, Ви благодариме за љубовта што ја вложувате во своето служење и за радоста со која го споделувате Евангелието. Просиме од Бога да Ви даде уште многу години во телесно здравје и духовна крепост, та долго да продолжите да принесувате плодови на нивата Господова! На многаја и благаја лета, Високопреосвештен Владико! Амин!

 


[1] Слово по повод јубилејот – 20 години архијерејска служба на Митрополитот Европски г. Пимен, во Малме, Шведска, на 14.11.2026 година.

[2] Сп. 1 Кор 9, 22.

[3] Сп. Рим 2, 11 и Гал 2, 6.

Споделете ја страницата