Да ги имаме на ум – Наумовите совети
г. Јосиф, митрополит Тетовско - гостиварски
Да ги имаме на ум – Наумовите совети
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Блажени ќе бидете, кога ќе ве намразат луѓето, и ќе ве одделат и похулат, и го исфрлат името ваше како лошо, заради Синот Човечки!“.
(Лука 6,22)
Драги браќа и сестри,
На почетокот од месец јули Светата православна црква во црковниот календар определила да го славиме споменот на светиот Наум Охридскиот, чудотворец, кој се подвизувал и живеел во нашиот крај, во манастирот крај Охридското езеро, каде што се упокоил и го завршил својот живот. Неговите свети мошти до ден денес почиваат во неговиот манастир и творат најразлични чудеса. Верниот народ од нашата земја имаа особена почит кон светиот Наум. Доказ за тоа се храмовите и манастирите подигнати во чест на овој светител, како во епархиите во татковината, така и во епархиите во нашата дијаспора. Еден од тие храмови е и оваа манастирска црква, во која ние секоја година масовно се собираме да му ја одадеме заслужената почит на еден од нашите најголеми светители.
Но драги мои, свети Наум не бил само светител – тој бил и просветител, средновековен научник, писател, учител, евангелизатор, еден од основоположниците на словенската и на македонската писменост и просвета. Иако за неговиот живот имаме оскудни податоци, сепак на сите ни е познато дека тој е еден од најдаровитите ученици на светите рамноапостолни браќа, на солунските учители и на словенските просветители Кирил и Методиј, кои евангелизираа многу словенски народи во Европа. Светиот Наум со големото искуство што го стекнал при евангелизирањето на паганските народи во Европа, откако Климент станал епископ Велички, се вратил во Македонија, каде го продолжил своето просветителско дело, но развил и едно ново дело. Тој како мудар молитвеник и строг подвижник отпочнал и градителско дело. На самиот брег го изградил манастирот, кој и денес е светилник, во кој мнозина го прославуваат „пречесниот спомен на неговите светли подвизи“. Сведоштвата велат дека манастирот набрзо станал монашки центар во кој свое прибежите нашле мнозина црнорисци, кои по блажената почивка на светиот Наум во 910 година го продолжиле неговото богоугодно дело.
Возљубени,
Ако го резимираме животот на светиот Наум слободно можеме да кажеме дека неговиот живот е служење на Бога и служење на луѓето. Како голем молитвеник, тој не само што се молел пред Бога за човечките незнаења, туку како просветител се трудел да ги научи луѓето на евангелските морални принципи, бидејќи знаел дека многу гревови извираат од човечките незнаења. И тогаш како и денес, најголем проблем и извор на злото било незнаењето, кое води до помраченост на умот. Последиците од помраченоста на умот се големи и погубни и за нашето општество. Тие започнуваат од неправилен начин на живеење, па водат се до воведување на нови и туѓи надметнати „вредности“ под слоганот на таканаречената демократија и дискриминација. Жално е денес што после толку векови, ние како народкако се почесто и почесто да ги забораваме советите од нашите учители и просветители, на оние, кои токму од овде, од нашата првопросветлена земја од страна на апостолот Павле, преведувајќи го Евангелието на словенски јазик како семе го посеале низ тогашните европски престолнини и ги просветлиле нехристијанските народи, осветлувајќи го паганизмот со евангелските добродетели, просветлувајќи ги непросветлените и сите, а особено тријазичниците - учејќи ги на христијанската љубов, која секогаш ни е најпотребна на сите нас.
Денес, наоѓајќи се во дните на Петровиот пост, на овој наш голем празник ќе ја искористам приликата од овој манастир да упатам порака за сите заедно сплотени во христијанска љубов да се држиме до Евангелието идо верата наша православна, која од памтивек ја облагородува душата на нашиот народ. И ние, како и светиот Наум насекаде да ги шириме евангелските морални принципи, кои го осветлуваат духовниот мрак, бидејќи само на тој начин можеме да се соочиме со моралниот пад и со хипокризијата на нашето општество. Само на тој начин можеме да ја сочуваме чиста нашата култура, нашата богата традиција и пред сѐ нашето битисување како еден Божји народ.
Знам дека не е ни најмалку лесно во овој „лукав и прељубодеен“ свет да се живее и да се шири Христовото евангелие, но ако повеќе се потрудиме тоа е возмошно. Во тие тешки моменти и искушенија, кои се појавуваат во нашиот духовен раст и подвиг пред нас да го имаме животот на светиот Наум и да се запрашаме зарем него му беше лесно да пропатува илјадници колометри, да претрпи страданија и мачења од германските свештеници и да доживее гонење заради Христа? Одговорот е дека не му беше ни најмалку лесно. Но за сè мора да се даде жртва. И за таа негова жртва Бог го овенча со светителски венец, наградувајќи го неговиот труд овде на земјата.
Затоа драги браќа и сестри, никогаш да не забораваме на светиот Наум, на неговиот труд и дело, на неговите подвизи и совети. На едно место, деновиве прочитав еден текст за четирите завети на денешниот светител. Тој пред да се упокои на своите ученици им ги пренел следните четири совети и зборови: разбудување, покајание, очистување и причестување. Всушност тој им ги пренел четирите скалила на патот кон спасението. И јас ништо друго повеќе не ви би пренел освен тие четири завети, кои треба секој ден да ги поминуваме. Затоа почесто да се сеќаваме на светиот Наум и да се молиме да Го моли за нас Христа нашиот Спасител, сега и секогаш и во сите векови. Амин!
Нека е за многу години манастирската слава!