Да го обновиме домот Божји
Да го обновиме домот Божји
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Господи, го засакав живеалиштето на Твојот дом
и местото каде што пребива и славата Твоја“
(Псалм 25,8)
Драги браќа и сестри,
Со голема духовна радост дојдовме во Брвеница, да се помолиме на Бога да го благослови почетокот на нашата работа, да се помолиме на Бога да го благослови обновувањето и проширувањето на овој храм, на оваа црква, која се изградила во 1922 година врз темели на црква од далечната 1628 година, која исто така била посветена на светиот Атанасиј Велики. Од осветувањето на овој храм во 1930 година, па сè до денес поминале многу години, и тоа години на војни, години на сиромаштија и страдање, како и години на напредок. Самото време донесе и промена на генерации, промена на општествени уредувања, па и промена на демографски план, а сето тоа очигледно остави трага и на овој храм за кого сите ние во изминатиот период бевме сведоци дека беа потребни промени и санации. Денес, благодарение на Вашите грижи, просејќи Божји благослов за обнова на овој заеднички дом – конечно го започнуваме неговото обновување.
Со зголемувањето на жителите, на Брвеница веќе одамна и беше потребен поголем храм. Ете сега со проектот со кој е предвидено обновувањето на храмот – тој значително и ќе се прошири и ќе може да го собере нашиот верен Божји народ, кој во сите времиња, побудуван од својата голема вера во Бога градел нови храмови, но исто така, грижејќи се за веќе изградените храмови, ги обновувал сè со цел да ги зачува. Христијанската и црковната историја ни сведочат за обновување на голем број на храмови ширум нашата земја. Нашиот народ низ времето, а и сега на многупати покажал дека уредно се грижи за зачувување на наследеното, но и за преземање нови творечки потфати во слава на едниот вистински и жив Бог.
Почитувани верници,
Во оваа 2018 година, Севишниот Бог благослови, по 88 години од осветувањето на овој храм да се започне неговото реновирање и санирање. Тоа не е мала работа. Тоа е големо дело. Дело кое ќе остави белег во овој значително брз живот. Ние луѓето сме минлива категорија, како што напишал и псалмопевецот „Дните на човекот се како трева; како полски цвет, така прецутува тој; ќе дувне ли над него ветар, и веќе го нема, и местото веќе нема да се познавае како полски (102,15-16), но затоа ја имаме можноста да останеме во добро сеќавање. Во добро сеќавање ќе останеме ако правиме добри дела, ако поучени од денешното евангелско четиво (Матеј 25,14-30) не ги закопуваме нашите таланти, туку ако со верба и со послушание на Бога и на свештенството ги уножиме од Бога дадените таланти, т.е. нашите можности во овој живот.
Сите ние сега имаме благословена можност да ги умножиме нашите таланти преку вклучувањето во обновата на овој храм. Секој според својата можност. А имаме безброј можности. Можеме да дадеме различни жртви пред Бога и со нашето вложување во реизградбата на овој храм - да покажеме на дело дека веруваме во Него, и дека сакаме позитивно да одговориме на Неговиот повик да се уподобуваме на Него. Доволно е секој од нас да има желба да го види овој храм преукрасен, облечен во ново руво, да го види како блеска во Божјата светлина.
Она што особено ме радува е Вашето присуство денес во храмот. Тоа ми покажува дека сте одлучни и сложни во ова дело, дека сте заедно во обновувањето на овој храм. Слогата е важна работа. Бог ќе ја награди и тоа со обновен храм – храм паметник и вистински симбол на Брвеница. Се радувам дека денес оваа молитва пред почетокот на обновувањето е навистина соборна молитва за благослов на нашето полезно дело. Денес е голема радоста на Мајката Црква, бидејќи во обновувањето на овој храм подеднакво со свештените лица, се вградивте сите вие, со својот личен пример и подвиг. Но и тоа не е толку важно колку што е важно тоа дека од овој миг, портите на Вашите срца се широко отворени за да може Христос во нив да се всели и да биде вечен патеводител во вашиот живот, во кој ќе успее да изроди уште многу добродетелства.
Возљубени,
На крај, уште еднаш „бидејќи сме соработници Христови, ве молиме, да не ја примате напразно благодатта Божја“ (2. Кор. 6,1), туку постојано преку делата на своите раце, со својот труд и посветеност да ги умножувате талантите, односно добродетелите и на тој начин постојано да се вградувате и себеси како живи камења во Светата Црква Христова.
Амин!
Бог, по молитвите на светиот Атанасиј Велики да го благослови почетокот на обновувањето на овој храм и работата, па набрзо да се собериме повторно, но веќе во обновен храм!
Дозволете да ја искажам и мојата голема благодарност до Црковниот одбор за нивната грижа и одлучност да се направи овој чекор за обнова на овој храм, особено до сите Вас - жителите на Брвеница, бидејќи благодарение Вас, со Вашите доброволни прилози и донации се започна обновувањето и проширувањето на храмот, со цел да направите нешто повеќе за своето родно место, како и за Православието во овие краишта. Исто така благодарност до парохискиот свештеник, до архитектите Владо и Искра, до градежниот тим, и до сите добронамерни луѓе, кои на кој и било начин се вложиле и на сите оние кои ќе се застапуваат за обновата на овој Божји дом.
Во оваа прилика ги повикувам и другите Црковни одбори, како и народот во останатите населени места ширум Епархијата да го следат Вашиот пример – сè со цел да оставиме на идните генерации – храмови места, кои ќе не сплотуваат нас и кои ќе го обединуваат нашиот народ. За многу години! Бог да Ве благослови!