Гласот Господов е над водите

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски 18.01.2019 г. „Св. Богородица“ Тетово

Гласот Господов е над водите

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Вие што жеднеете, дојдете при водите

(Ис. 55, 1)

Драги браќа и сестри,

          Дојде и денот кога се осветуваат водите. И ние дојдовме во светиот храм посветен на Богомајката, на Пресветата Богородица – да присуствуваме на богослужението, на Царските часови и на Светата Василиева Литургија и секако на чинот на Големото осветување на водата.  Kако што Фотина, жената Самарјанка, која разговарала со нашиот Господ и Го молела да ѝ даде „вода жива“: „Господи дај ми таква вода за да не ожеднувам“ и ние сега Го молиме Бога, преку зборовите во чинот на Осветувањето: „Освети ме мене и водите, Спасителу, Ти, Кој го земаш гревот на светот“.

Денешниот празник во народот е познат како Водокрштение, Водокрст или Водопост. Водокрст доаѓа од крштевањето, односно осветувањето на водата, а Водопост поради тоа што се работи за строг пост. Овој празникот е востановен во спомен на кршетението на луѓето кои го примиле христијанството. Во Светата Црква се познати две осветувања на вода: големо и мало. Големото осветување се врши два пати во годината: токму во денешниот ден, на Водопост, во предвечерието на Богојавление и утре на Богојавление, за што се сеќаваме на крштението на Господ Исус Христос во реката Јордан, во кое Црквата го гледа прототипот на очистување на гревовите, но и вистинско осветување на природната вода со присуството на Бога. Значи, во овој ден и во утрешниот ден се извршува Големо осветување на водите, Богојавленски водосвет. Исто така, секој пат, кога се извршува Крштение, се случува големо осветување на вода. Додека, пак, Малиот водосвет се врши во разни прилики, како при други црковни чинови и на барање на верниците. Во зависност од потребата, малото осветување може да се изврши во секое време и на секое место: во куќа, во поле, во градина и тн. Осветената вода има свое потекло уште во првите векови на христијанството, за што сведочат древните пишани извори, како Делата Апостолски, Евхологион, Серапион Тмутски, како и отците од првите векови: Теодорит, блажени Ероним, Епифаниј и други.

Во оваа соодветна прилика сакам да кажам збор два за големата тајна на водата, која се спомнува уште во вториот стих од првата книга во Библијата, при самото создавање на светот, се спомнува: „...имаше темнина над бездната; Духот Божјиот лебдеше над водата...“ (1 Мој. 1,2). И на многу други места во Светото писмо се спомнува за вода, водни извори, бањи и бунари, за нејзината телесна и духовна очистителна моќ и сила. Науката, пак не може да ги објасни својствата на од Бога создадената за наш живот - вода. За нејзината мистичност едноставно нема објаснување. Секој збор е излишен. Секој ден ја пиеме, а малкумина од нас знаат колку е таа моќна и значајна во нашиот живот. Нашето тело има 80% вода, а исто толкав е процентот и на вкупната количина вода на Земјината топка. Толку многу вода, а уште повеќе тајни, кои таа ги крие во себе. Научниците велат дека водата е мала молекула со крајно специфични својства. Не постои друга молекула, во која се откриени такви аномалии. Да не постоеше барем една од тие аномалии, немаше да постои животот на Земјава. Водата ни дава живот, здравје и енергија. Науката секојдневно доаѓа до нови сознанија за мистичноста на водата.

Од духовен аспект - водата  ја перцепираме како принцип на животот, како символ на судот и смртта, како средство за очистување – сите овие три основни димензии на водата како религиозен символ се поврзани со три основни акценти на христијанската вера: создавањето, гревопадот, искупувањето. Целиот свет, водата како дел од него, човекот како негова „круна“, се создадени од Бога првобитно добри во својата суштина. Истата оваа материја, „добра“ во својата основа, послужила и како средство на човековиот пад, што го привело него во ропство и смрт. Но во Христа – Воплотениот Бог – и преку Неговата сила, материјата може да стане символ на Божјото присуство и Неговата слава, да стане материја на таинство, која го соединува човекот со Бога.

На еден форум, сретнав прекрасна мисла од денешниот Руски патријарх г. Кирил Московски, кој вели: „Водата во Светото писмо е нешто повеќе од физичка супстанца . Таа е определено однесување . Таа на определен начин се поврзува со идејата за живот“.

Почитувани верници,

Освен што водата ја гаси телесната жед, таа ја користиме за гасење и на духовната жед и тоа преку чинот на осветувањето, се осветува и станува света вода. На грчки „светата вода“ се нарекува „агиазма“ (αγίασμα) - „светиња“. Светиња се нарекува сето она што е исполнето со благодатта Божја. Под „агиазма“ се подразбира водата над која е извршен чинот водосвет. Читајќи ги молитвите и спуштајќи го Животворниот Крст во водата, истовремено Светиот Дух слегува врз обичната вода и ја прави необична, ја прави света и благодатна и кога ја користиме и пиеме од светата вода на еден начин ние ја здобиваме благодатта од Светиот Дух. Не е случајно што самиот Господ повеќе пати ја споредува Својата благодат со водата. Во овој миг да се потсетиме на разговорот со самарјанката од четвртата глава од Евангелието според Јован. Спасителот ѝ ја открива на Самарјанката тајната на Своето доаѓање во светот, тајната на „живата вода“. Под „вода жива“ Господ мислел на Духот Свет. И кога со неа го напоил светот, кога Светиот Дух слегол врз Апостолите, тогаш луѓето навистина започнале да пијат жива вода, вода која лечи од смртта, вода која секоја смрт ја изгонува, вода која дава бесмртност и живот вечен.

Но не треба само да конзумираме, но пред сè кога пристапуваме кон светата вода – треба да веруваме дека таа вода е света. Осветената вода за православните христијани е драгоцена, заради тоа што е исполнета со силата на Светиот Дух, Кој живот твори. Затоа да ја разбудиме свеста и да ја користиме и чуваме на правилен начин. Светата вода, особено онаа од Богојавление (која народот ја носи во своите домови), може да се чува неограничено. Според црковно предание, доколку целата количина на Богојавленска вода не се потроши побожно во тековната година, тогаш кога ќе стигне новата вода, остатокот од старата се тура во бунар, река или цвеќе (или се пие). Во секој случај, се истура на места каде нема да биде изложена на газење и осквернување. Богојавленската вода, како и Светата Причест, верните ја пијат/употребуваат на гладно, особено во време на болести и при секоја немоќ. Што се однесува до водата која се осветува во домовите, во текот на постот од неа може, а и треба да се пие секое утро пред јадење и така да се потроши. Таа всушност се осветува со и таква цел, за големите празници како Божик и Велигден да се дочекаат во осветени домови, ама и со осветена душа (како храм на Светиот Дух), за што користењето на светата вода многу придонесува.

 

Возљубени,

Кога би го знаеле дарот на осветената вода, не верувам дека некој од човечкиот род не би пристапил денес во светиот храм, кон светиот купел, кон изворот на водата, онака „како што кошутата жеднее по водни извори“ (сп. Псалм 41,1). И како Самарјанката да Му се обратиме на Бога: „Дај Ми да пијам“ и да пиеме од Неговата „жива вода“, која денес за нас се осветува, бидејќи секој, кој пие од таа водата - нема никогаш да ожедни. Таа во него ќе стане извор на вода што ќе тече во живот вечен“ (сп. Јован 4, 10; 13-14). Амин.

Нека е за многу години овој празник!