Храбриот маченик

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски св. Ѓорѓи Кратовски 24.02.2019 г. Кратово

                                                         Храбриот маченик

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат;

ако моите зборови ги запазеа, и вашите ќе запазат“

(Јован 15,20).

Ваше Високопреосвештенство, почитувани  кратовчани, браќа и сестри,

 

          Традиционално секоја година, чествувањето на празникот посветен на светиот Георгиј Кратовски го започнуваме од овој храм, кој е посветен во негова чест. Денес ликува родното место на светителот, ликува Кратово, а кратовчани го прославуваат својот патрон, својот заштитник и закрилник пред престолот на Севишниот Бог. И навистина нема поголема радост од тоа за овој град и нема поголема пофалба од тоа што овој македонски град даде маченик за верата православна. Маченичката смрт на светиот Георгиј и по толку многу поминати години остана како неизбришливо сведоштво во вековната меморија на овој град, во душата на Вас кратовчани. И ете како резултат на сеќавањето на неговото страдание, на неговата маченичка смрт – ние денес се наоѓаме во овој храм. Празнувањето на споменот на светителот е пред сè сеќавање на неговата личност, на неговиот живот и на неговото дело. Кога се сеќаваме на ликот и делото на вашиот сограѓанин Георгиј, ние христијаните треба и да се поучуваме од неговиот краток, но свет живот.

Почитувани,

          Оваа година, празнувањето на светиот Георгиј, се падна во Втората подготвителна недела – во неделата, позната, како Недела на блудниот син. Не случајно денес пред нас  се јавуваат два прекрасни настани, од чија споредба можеме да извлечеме една прекрасна поука. Пред нас денес всушност се два животи на двајца млади луѓе. Од Евангелието на блудниот син слушнавме за животот на помладиот син, а од житието на светиот Георгиј за неговиот живот. И сето тоа создава кај нас една сосема спротивставена слика. И блудниот син и светиот Георгиј за време на својот живот го напуштиле татковиот дом, но блудниот син, како што сведочи евангелското четиво, откако заминал од домот на својот татко зачекорил по погрешниот пат и „го потрошил својот дел, живеејќи блудно“ (сп. Лука 15,13), додека пак светиот Георгиј, чекорејќи по вистинскиот пат и во Софија покрај свештеникот Петар живеел свето и богоугодно, работејќи како златар. Тој и покрај сите ветувања за убав, богат и развратен живот што ги добивал од мухамеданците, кои сакаа да го потурчат – воопшто не дозволил тие човечките материјални ветувања да го надвладат неговото секогаш доброто и трезвено срце, ниту да го помрачат неговиот свет разум, неговото вистинско расудување и неговата мудрост со која ги разобличил сите тие што сакале насилно да го примораат да се откаже од својата православна вера. На секое нивно ветување, светителот како вистински христијанин им кажувал дека него не му се потребни ниту богатство, ниту пак слава. Но нажалост острастените срца и попрачени умови на мухамеданците не можеле да ги разберат зборовите на светиот Георгиј и го одвеле на градскиот плоштад, каде го спалиле осумнаесетгодишниот Георгиј, кој според зборовите на апостолот Павле, „ги поднел страдањата како храбар војник на Исуса Христа“ (сп. 2 Тим. 2,3) и на тој начин се вброил помеѓу светиите на нашиот Троичен Бог.

Возљубени,

И пред нас денес имаме два пата. И сите ние понекогаш сме се нашле и се наоѓаме на животната раскрсница и како блудниот син сме се запрашале и се запрашуваме дали да се вратиме назад, на патот кој нè води кон нашиот дом, кон домот на нашиот Небесен Отец, кон Царството небесно или пак да продолжиме да тонеме во бездната на мракот. Во тие тешки мигови секогаш браќа и сестри, да се сетиме на светиот Георгиј и тогаш кога мислиме дека за нас е крај, да направиме еден нов почеток на нашиот живот. Еден поинаков почеток во кој по примерот на блудниот син после се, пак ќе зачекориме кон патот на покајанието и ќе се покажеме како вистински наследници на нашиот Георгиј, Кратовскиот маченик, кој со својот живот и со својата храброст, ни оставил прекрасен пример за подржавање и следење, задолжувајќи нè сите нас, кои го чествуваме неговиот свет спомен уште повеќе да го збогатуваме неговиот култ, зашто тој е наш, од нашиот род и краишта, а како еден од нас – тој и најмногу се грижи и застапува за нас и за сите Божји чеда пред Севишниот Бог, Кому му прилега секоја слава чест и поклонение, сега и секогаш и во сите векови. Амин!

Нека е за многу години денешниот празник! По  молитвите на светиот маченик Ѓорѓи Кратовски, Господи Исусе Христе, Боже помилуј нè!

          На крај сакам да Ви се заблагодарам на сите Вас ценети кратовчани за присуството, како и на Вашиот Владика, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф за поканата и јас да сум дел од денешната соборна прослава во родниот град на светителот.