ХРАМОТ – МЕСТО КАДЕ ПОСТОЈАНО СЕ ПРОПОВЕДА НАШАТА ВОСКРЕСЕНСКА ВЕРА 

ХРАМОТ – МЕСТО КАДЕ ПОСТОЈАНО СЕ ПРОПОВЕДА НАШАТА ВОСКРЕСЕНСКА ВЕРА 

„И Господ му рече: »Јас ја чув твојата молитва и твојата молба, за која Ме молеше и направив сѐ според твојата молитва, го осветив тој храм, што го изгради ти, за да биде засекогаш името Мое таму довека, и очите Мои, и срцето Мое ќе бидат таму во сите дни.“
(3 Цар. 9,3)
Драги браќа и сестри,
    Денес, во овој неделен ден на воскресението ни причинува голема радост да сме со вас, тука во градот на Рацин, во Велес – надвиснат над моќниот Вардар, во срцето на нашата Македонија, за да ја споделиме радоста предизвикана од осветувањето на овој новоизграден храм, на овој параклис поветен  на светиот Наум Охридски. Со чинот на осветувањето на овој Божји дом Повардарската епархија и Македонската православна црква се здобија со уште еден храм, со уште еден украс Божји, во кој секој еден верник ќе може да се моли и да се поучува во нашата православна верата. И навистина една од најголемите радости за една епархија и за верниот народ во неа е осветувањето на нов храм, бидејќи изградбата на храмот пред сè е плод на нашата вера, на нашиот севкупен христијански подвиг, плод на нашиот заеднички, соборен и црковен труд и заложби во знак на благодарност на Бога за секоја добрина која што ни ја подарил, иако ние со ништо не сме ја заслужиле. Затоа и денес, веднаш по самиот чин на осветувањето, како и на секоја литургија, ние свештенството заедно со вас верниот народ, повторно Му заблагодаривме на Бога, бидејќи го благослови делото на вашите вредни раце и го освети овој храм во кого ќе се собира и црквува верниот народ, соборно исповедајќи ја својата православна вера, која на македонските простори во минатото особено ја проповедал големиот просветител и ученик на светите солунски браќа, светиот Наум на кого е посветен и овој храм – овој праклис, кој се наоѓа во кругот на храмот посветен на Успението на Богомајката.

Почитувани велешани,
    Од денес, вие и вашиот град сте побогати со уште еден храм. Овој параклис посветен на нашиот домороден светител,  свети Наум Охридски е еден од ретките храмови во нашата земја, кој е посветен  на ова наше големо светило, чиј што живот и дело се од особено значење за нашиот македонски народ, но и за сите православни народи. Ние како православен народ сме радосни што на овие простори живееле голем број  на светии, кои со своето свето битисување ни дале пример како треба вистински да ја живееме нашата вера во Христа Воскреснатиот, Кој што дошол во светот за да ја победи смртта и од неа да го ослободи човечкиот род. Од денешното неделно прочитано Евангелие во овој новоосветен храм сите слушнавме за чудото, односно за настанот кога Христос, Началникот на Животот како вистински Животворец се сожалил на плачот на Наинската вдовица и го воскреснал нејзиниот син (Лука 7,11-16), сведочејќи ни дека Он е воскресението и вечниот живот. Христос како вистински Богочовек од љубов го подигнува мртвото момче и ја утешува неговата мајка, но и целокупниот човечки род од стравот од смртта, која после Неговото воскресение нема веќе никаква власт над човекот, кој верува во Бога, кој редовно ги посетува Божјите храмови и учествува во литургискиот и светотаинскиот живот на Светата Црква.
    Затоа како вистински христијани редовно треба да ги посетуваме нашите храмови, чии што врати се отворени за секој еден од нас. Храмот за сите нас треба да е најзначајното место, бидејќи тоа е место каде што постојано се проповеда нашата воскресенска вера и каде што секој од нас е повикан јавно да ја исповеда својата вера во Христа воскреснатиот и со зборови, но уште повеќе преку своите постапки и дела. Посакувам во овој осветен храм, кој е небо на земјата многумина верници да ја искусуваат средбата со Бога, која неминовно ни дава утеха и спокојство, воскресение и живот вечен. 

Возљубени,
    Посетувајте го овој свет храм, но и останатите храмови, принесувајте ги Вашите молитви на светиот Наум Охридскиот чудотворец и постојано благодарете Му на Христа воскреснатиот за сè што направи нас луѓето да не избави од ропството на смртта и ѓаволот. Запомнете дека со секое влегување во храмот ние всушност  влегуваме во вечноста, влегуваме во коработ на нашето спасение, каде сите ние заедно еднодушно собрани на молитва ја сочинуваме едната, света, соборна и апостолска Црква. 
На крај, од ова мое слово, за оваа наша денешна соборна радост сакам да му се заблагодарам на Вашиот ценет владика, на мојот собрат, Митрополитот г. Агатангел, кој како особено грижлив архиереј во Повардарската епархија изгради и обнови многу храмови, во кои постојано се проповеда Божјото слово за спасение на сиот човечки род, во кои нашиот македонски и православен народ постојано се собира и ја посведочува својата вера и силна љубов кон Троичниот Бог и кон својата Македонска православна црква – Охридската архиепископија.
Нека по молитвите на светиот Наум овој храм постојано биде исполнет со многу верен народ, кој ќе Го слави и прославува Троичниот Бог, постојано сега и секогаш и во вечни векови! Амин!
Нека е благословено и за многу години!