Маченикот од Кратово

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски

Маченикот од Кратово

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; 

ако моите зборови ги запазеа, и вашите ќе запазат

(Јован 15,20).

Ваши Високопреосвештенство, почитуван градоначалник, драги браќа и сестри,

 

Традиционално секоја година, чествувањето на празникот посветен на светиот Георгиј Кратовски го започнуваме од овој храм, кој е посветен во негова чест. Денес ликува родното место на светителот, ликува Кратово, а кратовчани го прославуваат својот патрон, својот заштитник и закрилник пред престолот на Севишниот Бог. И навистина нема поголема радост од тоа за овој град и нема поголема пофалба од тоа што овој македонски град даде маченик за верата православна. Маченичката смрт на светиот Георгиј и по толку многу поминати години остана како неизбришливо сведоштво во вековната меморија на овој град, во душата на Вас кратовчани. И ете како резултат на сеќавањето на неговото страдание, на неговата маченичка смрт – ние денес се наоѓаме во овој храм. Празнувањето на споменот на светителот е пред сè сеќавање на неговата личност, на неговиот живот и на неговото дело. Кога се сеќаваме на ликот и делото на вашиот сограѓанин Георгиј, ние христијаните треба и да се поучуваме од неговиот свет живот. 

 

Почитувани,

Од неговото житие дознаваме дека се родил во овој град, во 1497 година, во семејството на сиромашните Димитриј и Цара. Откако стекнал основно образование, неговиот татко го пратил да го изучува златарскиот занает. Како што Георгиј имал надворешна убавина, тој исто така поседувал и внатрешна интелектуална способност и многу брзо го научил занаетот. По смртта на својот татко, неговата мајка, сакајќи да го сочува од потурчување го испратила во Софија, каде во близина на учениот и побожен свештеник отец Петар уште повеќе ја запознал својата вера, утврдувајќи се во љубовта Христова. Во новата средина, младиот Ѓорги брзо паднал во очите на мухамеданците, кои по низа неуспешни обиди да го потурчат, започнале да го мачат со најлути маки и најпосле жив го запалиле во 1515 година во Софија, во времето на царот Селим.

 

Возљубени,

И по цели 505 години од тој настан, од неговото маченичко страдање во осумнаесеттата година од својот живот, ние и вие, неговите сограѓани го чествуваме неговиот свет спомен. Овој празник е одлична можност, сеќавајќи се на светиот лик на маченикот Горѓи да се потсетиме и на вистинските добродетели кои треба да ја красат секоја христијанска душа. Да се биде христијанин – значи да се биде пред сè истраен во верата, да се живее за верата, да се страда за верата. Што значи да се страда за верата? – Тоа не значи само маченички да се пострада, како што пострадал светиот Горѓи, туку пред сè да се војува со искушенијата и со страстите од овој свет и да се извојува победа над нив за да и ние како и апостолот Павле кажеме: Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив; понатаму ме очекува венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија; но не само мене, туку и на сите кои се радуваат на Неговото доаѓање (2 Тим. 4,7-8). 

Полн со радост, ја користам оваа прилика од мое име да му се заблагодарам на Вашиот надлежен архиереј, Митрополитот Кумановско-осоговски Јосиф за поканата и за дадената можност денес да бидеме учесници во овој празничен собор, да бидеме помеѓу Вас – драги кратовчани и заедно да го прославиме  - споменот на Вашиот патрон и закрилник пред Севишниот Бог. Вашата голема присутност во овој храм денес сведочи на дело за Вашата искрена вера и истрајност во Бога, за Вашето сеќавање на Вашиот сожител, а денес небесен жител - светиот маченик Ѓорги Кратовски, кон кого сите ние кои ги прославуваме неговите мачнички подвизи, ги упатуваме нашите молби да Го моли Христа Бога да го сочува овој град, неговите жители и да нè направи повторно заеднички жители во Божјото царство, кон кое се стремиме постојано сега и секогаш и во сите векови!

По молитвите на светите маченик Ѓорги, Господи Исусе Христе, Боже наш помилуј нè и спаси!

Нека е за многу години денешниот празник! Амин!!!