НАШИОТ ПАЗИТЕЛ АРХИСТРАТИГОТ МИХАИЛ И АНГЕЛСКИТЕ ЗАСТАПНИЦИ
НАШИОТ ПАЗИТЕЛ АРХИСТРАТИГОТ МИХАИЛ И АНГЕЛСКИТЕ ЗАСТАПНИЦИ
И настана војна на небото; Михаил и неговите ангели војуваа против змевот,
а змевот и неговите ангели војуваа против нив
(Откровение 12,7)
Драги браќа и сестри,
Ми претставува чест што на овој голем празник со благослов на нашиот Архиепископ охридски и македонски г. г. Стефан богослужевме и заедничаревме заедно во овој значаен храм за Скопје и за скопјани, тука во населбата Автокоманда, каде што литургиски се собравме да го прославиме храмовиот празник посветен на Светиот архистратиг архангел Михаил, како и сечесниот спомен на останатите Сили небески и бестелесни: Архангелите Гавриил, Рафаил, Уриил, Селафиил, Јегудиил, Варахиил и Јеремиил, односно на Соборот на светите ангели, кои уште од дамнина се прославувани и ги прославуваме како Божји ангели и ги чествуваме како наши пазители и заштитници. Тие се оние кои ја исполнуваат волјата Божја во космосот и човечкиот свет.
На овој денешен празник, сигурно многумина си го поставуват прашањето: Што се ангелите? – Во Светото Писмо на многу места, како во Стариот, така и во новозаветните книги – ангелите се спомнуваат на многу места. Во книгата Откровение, се споменува името на архангелот Михаил, чиј што спомен го славиме, како и неговите ангели, за кои е напишано следното: И настана војна на небото; Михаил и неговите ангели војуваа против змевот, а змевот и неговите ангели војуваа против нив (Откровение 12,7). – Славејќи го денешниот празник, како православни христијани треба да знаеме што се светите ангели и правилно да ги почитуваме нив, бидејќи токму поради присутното неправилно почитување во 4-от век, светите отци и учители на Црквата со цел да ги спречат лажните и погрешни учења за светите ангели го востановиле прославувањето на овој празник, како ден во црковниот календар, кога Православната црква си споменува за архистратигот Михаил како главен заповедник на небесните Сили, како прв ангел – серафим, кој всушност е највисокиот ангелски чин.
Возљубени верници,
Светите ангели предводени од светиот архистратиг Михаил се создадени од Бога и тие се Негови гласници. Бог нив ги создал пред да го создаде светот и човекот. Во првиот библиски стих, во книгата Битие е запишано „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (Битие 1,1). Под зборот небо светителите го подразбирале ангелскиот свет, односно војските на безтелесните сили. Според Божјото откровение светите ангели се јавуваат во девет чинови, според силата и власта и мудроста, која што им е дарувана од нашиот заеднички Создател. Тие чинови се следните: шестокрилите Серафими, многуоките Херувими и богоносните Престоли, Господствата, Силите и Властите, како и Началата, Архангелите и Ангелите. Сите тие девет ангелски чинови, иако според својата доверена служба имаат различни имиња, се нарекуваа сите со името ангели, односно служители, зашто служат на Бога и на Неговите заповеди. Треба да знаеме дека нивното служење не е исто, бидејќи секој си има служба својствена на својот чин, зашто Бог не ги открива тајните еднакво пред сите, туку преку повисоките чинови ги известува подолните ангелски чинови. Како што претходно кажавме, предводник на целата ангелска војска е архистратигот Михаил, чие име на еврејски значи Кој е како Бог. Според Преданието, кога сатаната, Луцифер, отпаднал од Бога и со себе ги повлекол во пропаст еден дел од ангелите, тогаш Михаил станал и возвикнал пред неотпаднатите ангели: „Да внимаваме! Да застанеме добро, да стоиме со страв!“ И сите небесни војски на верните ангели громко запеале: „Свјат, Свјат, Свјат Господ Саваот исполн небо и земља слави Твојеја!“.
Од Библијата, дознаваме дека ангелите се духовни и бестелесни суштества, божествени духови кои не јадат и не пијат, не се раѓаат и не умираат. Тие секогаш прават само едно: Му служат на Бога и го фалат со песна, како што запишал и псалмопејачот: Благословувајте Го Господа – сите ангели Негови крепки по сила, кои го извршуваат Неговиот збоар, слушајќи го гласот од зборот Негов (Псалми 102:20). Во однос на нас луѓето ангелите се создадени повисоки од нас (види: Пс 8,6), бидејќи немаат тела, ниту телесни страсти. Телесно не се ограничени, не добиваат облик според законите на материјалниот свет, не се попречувани од созданието и материјалните предмети, не се подложни на земните закони на времето и просторот, но се просторно и временски ограничени, зашто им е потребно движење со определена (иако надразумно голема) брзина и време (иако несфатливо кратко) да преминат од едно место на друго.
Она што е особено важно да го знаеме е дека меѓу ангелите владее совршено едномислие, еднодушност и љубов, а покрај тоа и потполна послушност на пониските чинови кон повисоките и на сите заедно кон светата Божја волја. Секој народ си има свој ангел пазител, а освен тоа и секој христијанин има свој ангел пазител. Треба секогаш да се сеќаваме дека што и да правиме, јавно или тајно, го правиме тоа во присуство на својот ангел-чувар. А на денот на Страшниот Суд сето огромно мнозинство ангели ќе се соберат околу Христовиот престол и пред сите нив ќе се објават сите дела, зборови и помисли на секој човек.
Почитувани,
Заради огромната ангелска послушност кон Бога и заради нивната грижа кон секој еден од нас, ние православните христијани го празнуваме Соборот на сите ангели и повторно ги молиме за помош да се молат на Бога и да не застапуваат сите нас, кои го празнуваме нивниот празник. Гледајќи ја сите ние иконата на светиот архангел Михаил во овој храм посветен на него, да се трудиме како светите ангели и ние постојано да имаме љубов, едномислие и послушност кон Бога и меѓу себе. Да се помолиме на светиот архангел Михаил, на останатите свети ангели и на нашиот ангел – чувар да нè сочуваат и запазат од сите лукави замки и непријатности, и како што се вели во Молебниот канон кон Ангелот чувар – да се помолиме да не научи на небескиот живот, вразумувајќи не, просветлувајќи не и укрепувајќи не во верата и во животот духовен. Свети архангеле Михаиле, ти како наш пазител, заедно со останатите ангели наши застапници секогаш кога сме очајни и немоќни пред демонските напади дојди ни на помош, помагајќи ни да се избавиме од искушенијата, за да постојано и ние заедно со ангелските хорови Го славиме Оној, Кој е постојано славен од илјади Aрхангели и миријади Aнгели, Херувими и Серафими, шестокрили, многуоки, кои лебдат, крилати, постојано сега и секогаш и во сите векови!
Нека е за многу години храмовиот празник! Примете ги поздравите и благословите од блаженејшиот Архиепископ наш г. г. Стефан, кому му благодарам за укажаната чест денес да служам во овој храм. На оние кои го празнуваат светиот архангел Михаил и светите ангели или пак го носат неговото свето име нека им е честит празник.
Свети архангел Михаиле и останати ангели, молете Го постојано Бога за нас!