Прејди на главна содржина

МПЦ - ОА Тетовско - гостиварска епархија

НАСЛЕДЕНИОТ ТАЛАНТ ДА ГО СОЧУВАМЕ И УМНОЖИМЕ

Зоран Богоевски 20.09.2026
НАСЛЕДЕНИОТ ТАЛАНТ ДА ГО СОЧУВАМЕ И УМНОЖИМЕ

Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф

НАСЛЕДЕНИОТ ТАЛАНТ ДА ГО СОЧУВАМЕ И УМНОЖИМЕ [1]

 

Убаво, добар и верен слуго! Во малку беше верен, над многу ќе те поставам;

влези во радоста на својот господар!“

(Матеј 25, 21)

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Возљубени во Господа,

Овие Христови зборови од денешното свето Евангелие според Матеј — од познатата парабола за талантите — нè потсетуваат на една голема вистина: дека сè што имаме во животот ни е доверено од Бога. Ништо не ни е дадено само за нас, туку како дар што треба да го сочуваме, да го умножиме и да го предадеме на оние што доаѓаат по нас.

Таков дар е и верата. Таков дар се и нашите свети храмови. Нив не сме ги создале само ние, ниту тие започнуваат и завршуваат со нашата генерација. Ги примаме како свето наследство од оние што живееле, се молеле и верувале пред нас, а наша одговорност е да ги сочуваме, да ги обновуваме, да изградиме нови и да им ги предадеме на идните поколенија.

Се радувам што токму благодарение на таквата ваша вера и грижа за ова светилиште, денес се наоѓаме во овој обновен Богородичен храм, овде, во вашето историско село Дуф. Преку овој храм се огледува вековното присуство на верата во животот на месното население и љубовта со која генерациите го чувале и умножувале светото наследство на своите предци.

Како ваш надлежен владика, особено се радувам што и вие, денешното поколение дуфчани, се потрудивте она што предците ви го довериле да не биде закопано и заборавено. Напротив, со својот труд, љубов и жртва, наследениот дар — овој прекрасен Успенски храм — го обновивте и сочувавте како живо сведоштво за верата, историјата и духовниот корен на ова село, споменато во црковните повелби уште во далечната 1020 година.

Почитувани,

Во овие мигови, стоејќи во овој реставриран храм и восхитувајќи се на неговата духовна и уметничка убавина, сите ние стоиме како сведоци пред тајната на времето и пред неискажливата Божја промисла, свесни дека низ годините и поколенијата, овој свет манастирски храм посветен на Успението на Пресвета Богородица, бил сведок на верата, молитвите, надежите, радостите и страдањата на нашиот народ овде во областа позната како Горна река. Во него се крштевале поколенија, се принесувале молитви и благодарност кон Бога, се барала утеха во тешките мигови и се споделувала радоста во благословените денови. Под неговите сводови човекот доаѓал пред Бога со сето она што го носел во своето срце.

Но, времето минува и поколенијата се менуваат, а храмот останува. Тој нè потсетува дека верата што сме ја примиле од нашите предци не е само спомен од минатото, туку жив завет. Тој завет не се исполнува само со зачувување на каменот, ѕидовите и фреските, туку пред сè со живеење според верата и Божјите заповеди. Затоа денес нашата радост не произлегува само од обновениот изглед на овој Божји дом. Се радуваме затоа што преку неговата обнова се продолжува еден духовен континуитет: она што го создале и чувале нашите предци, денес повторно оживува преку грижата и жртвата на вас, нивните потомци.

Токму во таа смисла, денешната замена на покривката на светиот престол и заокружувањето на целосната обнова на овој храм имаат многу подлабоко значење. Ние не реконструиравме само нешто што со текот на времето остарело и дотраело, туку го продолжуваме заветот на нашите верни предци градители — заветот да ја чуваме светата вера и светите места што ни ги оставиле и преку сопствената вера и љубов и самите да се вградиме во животот на оваа светиња.

Значаен дел од оваа обнова е и целосната реставрација на светите фрески во овој храм. Повторно во својот сјај блеснаа ликовите на Христа, на Пресвета Богородица и на светителите. Гледајќи во нив, пред нашите очи се открива богатството на верата и животот на Црквата. Преку светите фрески ние се потсетуваме на вистините на нашата вера, на повикот кон покајание и љубов и на нашата крајна цел — вечниот живот и Царството Божјо.

Но, возљубени чеда, секоја црковна обнова нè повикува и на една друга, уште поважна задача — да го обновиме храмот на нашето срце, да ги умножиме дадените од Бога таланти за наше спасение. - Зашто, што ќе ни користи убав и обновен храм ако во нас нема вера, љубов и милосрдие? Што ќе ни користат прекрасните фрески ако не го гледаме Христос во својот ближен? Што ќе ни користи да го обновиме Божјиот дом однадвор, ако не дозволиме Бог да го обнови нашиот живот однатре?

Затоа, гледајќи го денес велелепието на овој храм, да се потсетиме дека и нашата душа е повикана постојано да се обновува во Христа. Пресвета Богородица, на која е посветен овој храм, нека биде наша постојана застапница и закрилница. Нека оваа црква биде место каде што човекот ќе доаѓа не само да запали свеќа, туку и да го разгори пламенот на верата во своето срце; место каде што ќе се моли, ќе се покајува и ќе се причестува со светите Христови Тајни. Нека биде место на молитва и утеха, место на помирување и љубов, место каде што младите ќе ја запознаваат верата на своите предци и каде што идните поколенија ќе го препознаваат и ќе го чувствуваат своето духовно наследство.

Молитвено и со благодарност денес ги спомнуваме и сите оние кои учествувале во ова благословено дело — сите ктитори, добротвори, дарители, мајстори, реставратори и сите верни чеда кои помогнаа со својот труд, со своите средства и со своите молитви. Нивниот труд нека биде запишан не само во историјата на овој храм, туку, пред сè, во Божјото сеќавање и милост. А Вам, возљубени жители на Дуф, ви посакуваме и понатаму, како и досега, да го чувате ова свето место и овој храм со истата онаа љубов и ревност со која го чувале вашите предци, умножувајќи ги на тој начин од Бога дадените таланти, даровите, кои исто и сите ние сме повикани и треба да ги умножуваме преку живот и подвиг во верата.

И токму тука повторно се враќаме на зборовите од денешното свето Евангелие и параболата за талантите. Господ на секого од нас му доверил одреден талант — живот, време, здравје и различни способности, но ни го доверил и светото наследство што сме го примиле од оние пред нас. Спасителот во Евангелието нè поучува дека Божјите дарови не смееме да ги закопаме во земја од мрзеливост или страв, туку сме должни преку труд, грижа и љубов да ги умножуваме.

Да ги умножиме даровите значи наследениот храм да не го оставиме да пропаѓа, туку да го обновиме; верата да не ја чуваме само за себе, туку да им ја пренесеме на нашите деца; љубовта да не остане само збор, туку да стане дело; а добрината да не ја закопаме, туку да ја споделуваме со своите ближни.

Вие, ценети дуфчани, со обновувањето и разубавувањето на овој свет храм покажавте дека наследениот талант не сте го закопале и заборавиле, туку со својата жртва сте го сочувале и умножиле за идните поколенија.Нека Господ го прими вашиот труд и вашата жртва и нека нè удостои сите нас еден ден да ги слушнеме Неговите зборови со кои ја започнавме денешната беседа: Убаво, добар и верен слуго! Во малку беше верен, над многу ќе те поставам; влези во радоста на својот господар!

И како што денес со радост го гледаме обновениот земен храм, така Господ да ни даде еден ден сите заедно да станеме жители на Неговото небесно Царство и наследници на вечниот живот. На сите што се потрудија за ова свето дело, за храмовата обнова — Господ да им возврати со Својата благодат и милост! По молитвите на Пресвета Богородица, Господ да го чува овој храм, да го чува селото Дуф, сите негови жители и сите негови чеда, каде и да се наоѓаат.

Нека е за многу години, и Господ да нè удостои и во иднина да се собираме во оваа светиња во вакви благословени и радосни поводи! Амин.


[1] Беседа изречена на Светата Литургија во шеснаесеттата недела по Педесетница во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во село Дуф по поводреконструкцијата на храмот, на ден 20. 09. 2026 година.

Споделете ја страницата