Новиот Светиклиментов храм

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски

Новиот Светиклиментов храм [1]

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Ти изградив храм Тебе за живеалиште, 

место, каде што ќе престојуваш засекогаш.

(3 Царства 8,13) 

Драги браќа и сестри,

Денес со голема причина се наоѓаме овде во овие благословени краишта, во Горен Полог, во ова наше убаво село Пожаране, вгнездено во пазувите на Шар Планина. Во овој празничен ден, со чувство на голема свештена радост дојдовме тука во месноста Климентица за да го осветиме новоизградениот храм посветен на нашиот црковен патрон Климент, охридскиот чудотворец. И зарем има поголема причина од денешната сите ние во голем број и со голема радост да сме собрани на ова древно место? – Нема повозвишена причина од денешната, кога како верници сме повикани да земеме учество во овој редок свештен настан. Ете, милостивиот Бог благоволи токму на Климентовиот празник да нè собери заедно за соборно да го испросиме Божјиот благослов и да го осветиме овој храм, кој изминатите години сложно и вредно го изградивте, имајќи го постојано на ум преданието дека овде некогаш престојувал нашиот денешен славеник Климент Охридски. Предавајќи го од колено на колено тоа предание, вие денес го исполнивте аманетот на вашите предци и со изградбата на овој храм – засекогаш истото го сочувавте од заборав и светиот Климент, кој вие никогаш не го заборавивте – сега ќе биде постојан ваш молитвеник пред Бога.

Светоклиментовиот благослов денес го чувствуваме сите ние кои се наоѓаме во овој велелепен храм, кој изгледа величенствено и го краси овој прекрасен предел. Но она што посебно ме радува е тоа што по Охрид, и во нашата епархија, овде во Пожаране е раширен култот на светиот Климент, на светителот, кој е патрон на нашата Македонска православна црква – Охридската архиепископија, кој со својот свет живот и дела како просветител, мисионер и епископ направил многу за христијанизирањето на нашиот народ. Неговиот култ на овие простори според сведоштвата датира одамна. Тука постоела средновековна црква посветена на светиот Климент, на чии темели со Божја помош е изграден овој храм. Иницијата за возобновување на храмот дојде од Црковниот одбор, а темелите ги осветивме на 21 мај 2015 година и ете по цели 8 години, денес, го призивавме Светиот Дух да слегне врз овој храм и да го освети за да тој постојано ги осветува оние кои ќе влегуваат во него.

 

Почитувани,

Денес не само што се радувате вие и ова парче земја на кое повторно е подигнат овој храм, денес се радува целата македонска земја, бидејќи оваа земја Господова добила храм Божји, храм кој треба да ни послужи за спасение, односно за да редовно се собираме и да доаѓаме во него, а учествувајќи на светите богослужби и земајќи учество на светите Литургии, да се молиме и да се причестуваме за да постојано се соединуваме со Господ наш Исус Христос. Секој храм на земјата е всушност парче небо на земјата и кон него треба да се однесуваме свето. Тоа имајте го постојано на ум кога ќе го пречекорувате црковниот праг и кога ќе доаѓате на богослуженијата, запамтете дека вие сте зачекориле на небото. Како што светата Литургија е предвкус на царството Божјо – така и храмот е предвкус на небото. Затоа храмот е најголемо прибежиште, пристаниште и брод, кој нè спасува од нашите животни бури и секој човек кој се наоѓа во тој брод треба да живее со надеж дека ќе го преживее секое животно искушение, а оној кој е надвор од тој брод, од црковниот храм – тој веќе сам себе си се осудил на пропаст и духовно мртвило. 

Бог ни ја дал Црквата своја за да ние во неа се согледаме себе, да се преиспитаме себе си и така да согледаме колку сме достојни да влегуваме во Божјиот храм, во Светињата на светињите, во домот Божји, каде што постојано пребива Бог. Затоа човек кога ќе го погледне храмот, тој природно се сеќава на Бога. Затоа нашиот народ кога поминува покрај храм, застанува и се прекрстува, бидејќи знае дека во храмот пребива Бог. Затоа и сите ние кои денес се наоѓаме во овој храм да бидеме секогаш свесни дека додека сме во храмот Господов ние можеме да бидеме спасени и ќе бидеме спасени, но само ако ја слушаме Црквата, Христовото евангелие и ако се трудиме и ако живееме христијански, ако веруваме и ако постојано ги исполнуваме Божјите заповеди онака како што тоа го правел и светиот Климент, нашиот учител во верата. Затоа имајќи го него за пример – треба секогаш да го чуваме овој негов храм како наша најголема светиња, како наше најголемо прибежиште, како место на постојана заштита и утеха, во кое ќе ја добиеме Божјата помош и благодат.

 

Возљубени,

Празнувајќи го свети Климент, храмовиот празник на овој веќе осветен храм, во кој денес ја служиме и првата Литургија важно е да се потсетиме на неговиот живот и дела. Свети Климент Охридски со еден збор кажано е „добриот пастир, кој си ја положи душата своја за овците“ (сп. Јован 10,11) како што слушнавме од денешното свето Евангелие. Тој е најдаровитиот ученик на светите рамноапостолни браќа, сесловенските просветители Кирил и Методиј, најголемиот дар од Бога за нас, човекот, кој го заслужи епитетот „втор апостол Павле“ за Македонија, како што пишува во житието за него блажениот Теофилакт Охридски. По смртта на неговите учители, носејќи го со себе нивниот дух, тој ја основал Охридската книжевна школа во Македонија, која станала граница меѓу двете големи јазично-културни цивилизации: грчката и латинската, и ја издигнала третата – словенската, јазично-културна цивилизација. На тој начин, преку воведувањето на словенскиот јазик во просветата и во богослужението, и со развојот на плодна книжевна дејност – свети Климент ги развил темелите на словенската писменост, извршувајќи силно културно влијание врз македонската и врз светската духовна ризница. Оттаму и денес по цели 1130 години од неговата хиротонија во 893 година за епископ на Величко-дремвицката епархија, свети Климент Охридски со право се слави како наш најголем светител, просветител и учител, кој го учел народот во верата, го просветувал, и како вистински духовен пастир го водел на патот на спасението. Затоа свети Климент како наш духовен патрон треба да биде постојан образец за тоа како треба да живееме вистински христијански живот.

Славејќи го неговиот свет спомен, ние верниците треба да го следиме неговиот животен пример и посветеност, неговата вера, духовна чистота и моралните доблести. Како голем црковен деец, тој преку своите проповеди ни оставил во наследство бројни поуки, кои ние треба да ги практикуваме, така усовршувајќи се во верата и во духовниот живот. Во една од своите беседи, тој нè поучува со следните зборови: „Браќа, да не бидеме мрзливи, и ние, кога имаме таков милостив Господ, туку да отфрлиме од себе секаква злоба, завист, клевета, срамни дела и недолични постапки, и со чиста совест да дојдеме во Божјата Црква и, со страв стоејќи во неа, да бараме прошка на гревовите и вечен живот, за да бидеме достојни да пристапиме кон пречистите тајни на телото и крвта Христови. Зашто тоа дело Божјо (светата Причест) нѐ прави достојни заедничари на Царството небесно“. Какви прекрасни зборови и каква содржајна поука ни оставил светиот Климент. Поука, која нè поучува дека христијанскиот живот од нас бара подвиг, бара труд и духовна борба со нашите страсти со цел духовно просветление. Но, тој ни кажува дека таа духовна борба не е можна без да дојдеме во храмот Божји, каде во соборот, во заедништвото на светата Литургија како заедничко собрание на верните и свештениците собрани околу својот Епископ се остварува живата Црква. Затоа драги браќа и сестри, и ние денес како вистинска црковна заедница се собравме заедно на молитва во овој храм, каде постојано ќе се учиме да живееме според верата, која треба да раѓа добри дела, бидејќи „верата без дела е мртва“ (сп. Јаков 2,20). Можеме да веруваме колку сакаме, но ако не живееме во согласност со верата и нашите дела ќе бидат без вредност, а ако нив не ги правиме за Бога и за нашиот ближен и храм да изградиме ако не го градиме во слава Божја и за спасение на човечкиот род, туку за своја слава тогаш не сме добиле ништо, па затоа сè што во животот правиме да правиме со вера и за слава Божја! 

Мили мои,

Светиот Климент, имајќи силна вера секогаш и сè правел за слава на Бога и за спасение на својот народ. И тој за време на својот живот го изградил манастирот посветен на светиот Пантелејмон на Плаошник во слава на Бога и за спасение на народот. Ете и вие по неговите стапки, имајќи во себе вера и „ревност“ (сп. Јован 2,17) го изградивте и овој црковен храм, „како место каде што ќе престојува Бог засекогаш“ (сп. 3 Царства 8,13). Но она што сакам да го знаете е дека храмот е најубав кога е исполнет со народ, на светите богослуженија. Затоа од денес, па понатаму вие ќе треба редовно да доаѓате во него, да ги принесувате вашите молитви и да се грижите за него. Во оваа прилика од мое име и од име на Гостиварското архиерејско намесништво им се заблагодаруваме на сите оние, кои и најмалку придонеле да се изгради овој храм, благодарност на Црковниот одбор, а особена благодарност и пофалба му искажуваме на ктиторот на храмот, г-динот Гоце Томевски, кој направи многу за изградбата на овој свет храм. Наоѓајќи се денес во него, јас се молам на светиот Климент Бог да ги услуша Вашите молитви, а Он ќе ги услиша ако молитвата извира од длабочините на чистото и смирено срце и според Вашата вера. Затоа постојано чувајте ја нашата православна вера за да и таа нас нè сочува. Сè можеме да изгубиме и имотот и функциите, но најважно е да не ја изгубиме верата, бидејќи кога верата ќе ја сочуваме, тогаш и матријалното Бог ќе ни надокнади. Да бидеме праведни, чесни и искрено да живееме, да се служиме со вистината и постојано да Го славиме Бога во храмот, во неговата Црква. Да не викаме само имаме цркви, туку постојано да одиме во нив, зошто во спротивно што ни вреди ако имаме цркви, кога не одиме во нив, ако не веруваме правилно, ако не си сознал што е твојата вера. 

Со чинот на осветувањето на овој храм, село Пожаране и вие мили пожаранци се збогативте со уште едно место за молитва и духовен спокој, со уште еден храм, каде сите заедно како верници во заедница постојано ќе имате можност да ги принесувате Вашите молитви и да Го прославувате Бога. На крај, уште еднаш да се помолиме на Бога со Соломоновите зборови „Чуј ја молбата на Твојот слуга и на Твојот народ, кога тие ќе се молат на ова место; чуј од местото на Твоето живеалиште, од небесата, чуј и смилувај се!“ (сп.3 Царства 8,30). Амин! 

Нека ни е вечен храмот и честит празник. За многу години! Амин!

 

[1] Говор изговорен за време на осветувањето на храмот „Свети Климент Охридски“ –во с. Пожаране, општина Врапчиште - Гостиварски, на 09. 08. 2023  (Свети Климент, архиепископ Охридски; Светиот великомаченик Пантелејмон; Светите Седмочисленици; Блажениот Николај; Преподобна Антуса; Сто педесет и тројца маченици, потопени во море во Тракија)