Победоносната моќ на верата и љубовта
г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски
Победоносната моќ на верата и љубовта[1]
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето;
но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот,
затоа светот и ве мрази.“
(Јован 15,19)
Христос воскресна!
Драги браќа и сестри,
Денес торжествено го празнуваме празникот посветен на едно големо светило на Христијанската црква, на светиот великомаченик Георгиј Победоносец, чиј спомен и култ е раширен на сите страни од светот. Според зборовите на преподобниот Јустин Ќелијски, ние денес на Ѓурѓовден, како што го нарекуваме овој ден, го чествуваме и се сеќаваме на „живото Евангелие Христово“, односно го прославуваме празникот на непобедливиот маченик за верата наша православна, кој својот живот на земјата го живеел според Евангелието, христијански и богојазливо, творејќи добри дела. Исполнувајќи го Евангелието во сѐ – тој постанал светило прославено од нашиот воскреснат Господ и Спасител Исус Христос. Заради неговиот свет живот, заради неговата силна вера и неговата љубов, свети Георгиј, познатиот војсководец и некогашен заповедник на римската војска, денес е прославуван не само од нас христијаните, туку и од други луѓе.
Ете, Севишниот Бог и оваа година повторно и нас нѐ удостои да го дочекаме овој мајски ден и да го посведочиме големиот култ на светиот Ѓорѓи, кој набрзо по неговата маченичка смрт се проширил и на нашите простори. Уште во ранохристијанскиот период на овие простори постоеле храмови подигнати во негова чест. Во нашата епархија, како и во другите македонски епархии, постојат повеќе храмови посветени во негова чест. Денес својата храмова слава ја чествуваат и нашите манастири во Туденце, во Мала Речица и во Волковија. И тука и таму, но и насекаде ширум Православието денес се спомнува за светиот војсководец Георгиј, кој уште од млади години се определил за Христа и кој го положил својот млад живот, потврдувајќи ја својата вера во Христовото воскресение.
Почитувани,
И светиот Георгиј е еден од сведоците на Воскресението. Тој го посведочил Христовото воскресение со својата силна вера, на тој начин што дури и својот живот не се двоумел да го положи за Христа Воскреснатиот од мртвите. Она што восхитува од неговиот свет живот е неговата истрајност, цврстина и решителност. Иако бил мошне млад, иако пред него бил животот, сепак кога пред него се поставило прашањето: Христос и смрт или живот на земјата, со сите римски почести, но без Христос, светиот Георгиј го избрал она што е подобро, „да биде со Христа“, како што вели и светиот апостол Павле: „бидејќи тоа е многу подобро“ (Филип. 1,23). Ако внимателно го прочитаме житието на нашиот денешен светител ќе сфатиме дека во овој свет ништо не треба да ни е поважно од Христос, „без Кого не можеме да направиме ништо“ (сп. Јован 15,5). Колку и да се трудиме самите, ние ништо не би постигнал во животот без Христос Бог, бидејќи животот без верата во Воскресението и во Воскреснатиот нема смисла, нема содржина и нема цел. Светиот Георгиј ја посведочил својата вера во Воскресението, и самиот не се плашел да пострада и да ни покаже дека за оние што „живот е Христос, смртта е придобивка“ (сп. Филип. 1, 21). Токму поради неговата вера, светиот Георгиј со својата маченичка смрт „преминал од смрт во живот“ (Јован 5,24) и бил од Бога награден со венецот на невинливата слава на небото и земјата и со живот вечен во Небесното царство, дарувајќи го со сила и власт да им помага на оние што го слават и призиваат неговото име во бедите и неволјите.
Возљубени,
Никогаш да не го заборавиме споменот на светиот Георгиј Победоносецот, туку неговиот светол лик и неговите добри дела да ни се пример за тоа како треба вистински христијански да живееме и веруваме, а неговите безбројни чуда кои ги извршил секогаш да ни бидат поттик за укрепување и зајакнување на нашата вера во Воскресението. И денес во ова време на неволји и искушенија, слично како и во времето кога живеел светиот Георгиј повторно на дело се остваруваат Христовите зборови: „Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето; но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот, затоа светот и ве мрази“ (Јован 15,19). И денес голем број од христијаните повторно со својот живот ја посведочуваат на дело својата жива верата во Христос. И денес повторно ширум светот христијаните се соочуваат со безброј страдања. Страдањето, всушност постојано е нераздвоив дел од животот на христијанинот. Но, не треба да се плашиме, бидејќи „Христос го победи светот“ (види: Јован 16,33). Да го правиме само она што од нас се бара и она што ни е вистински потребно, а од нас се бара само да веруваме во Христовата победа над смртта, и во Неговото тридневно воскресение онака како што веруваше и живееше светиот Георгиј, кој преку своите подвизи ни ја покажа победносната моќ на верата и љубовта. Таа победоносна моќ над гревовите и страстите, по молитвите на светиот Георгиј никогаш да не нѐ напушти нам, туку да биде вечно со нас, низ целиот живот за да и ние како великомаченикот и покрај сите страданија и искушенија, никогаш да не се откажеме од Христа и од Неговата искупителна благодат, која постојано нѐ одржува во живот. Имајќи ја таа благодат во нашите срца, секогаш на световната злоба и омраза да одговараме со добрина, незаборавајќи дека оружјето со кое христијанинот ја освојува победата над злото секогаш се верата и љубовта во Христа Воскрснатиот, Кому му прилега секаква слава, чест и поклонение, постојано, сега и секогаш и во сите векови. Амин!
За многу години нека е празникот Ѓурѓовден!
[1] Беседа изречена на Литургијата во храмот „Свети Никола“ во Тетово, на 06. 05. 2020 (Светиот великомаченик Георгиј Победоносец - Ѓурѓовден).