Ползувајте ја слободата - правилно

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски

Ползувајте ја слободата - правилно[1]

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Сѐ ми е дозволено, но не е сѐ полезно; 

сѐ ми е дозволено, но ништо не сакам да надвладее над мене“

(1 Кор. 6,12)

Драги браќа и сестри,

            Ете, денес, се наоѓаме во овој свет храм, кој го слави својот мал, но значаен јубилеј 10 години од неговото осветување, овде во месноста Честодубје, на брегот на Вратничкото Езеро, каде со векови, благодарение на вашата вера, ревност и грижа за светињата, мили вратничани, опстојува овој храм, кој сведочи и нѐ потсетува на значајноста на денешниот празник посветен на рамноапостолните цареви, светите Константин и Елена. Гледајќи ве пред мене во голем број, се радува срцето мое, бидејќи вие на дело ја сведочите православната вера во Христа Воскреснатиот, Кој е прекрасен во Светиите Свои. Радосен сум, бидејќи од Бога дадената слободна волја ја ползувате правилно и на вистински начин, наоѓајќи се денес токму таму каде што треба – овде во храмот на денешните светители, кои по Божја промисла се појавиле и оставиле неизбришлива трага како покровители на христијанството. Под Божјо вдахновение, и како што пееме во тропарот: „откако го виде знакот на  Крстот, слично на Павле“, светиот Константин во 313 година го издал познатиот историски документ (указ), познат како Милански едикт, со кој по цели три века гонење на Светата Црква, конечно било ставено крај на прогоните кон христијаните, кои од тогаш па сѐ до ден-денес имаат можност и  можат непречено јавно да ја изразуваат и слободно да ја исповедаат својата вера. 

На овој голем и светлопразничен ден, кога ја празнуваме впрочем и победата на христијанството, односно добивањето на слободата за јавно изразување на сопствената христијанска вера, ја користам приликата од овој свет храм посветен на нашите денешни светиии и молитвеници пред Троичниот Бог, да упатам апел до сите православни верници, вистински да ја ползуваат дадената од Бога и од Божјиот угодник Константин – слобода за исповедање на својата православна вера и имајќи ги на ум Павловите зборови: „Сѐ ми е дозволено, но не е сѐ полезно; сѐ ми е дозволено, но ништо не сакам да надвладее над мене“ (1 Кор. 6,12) – да се потрудат во сите денови од својот живот да живееат вистински христијански живот, посетувајќи ги христијанските храмови и исповедајќи ја својата вера, бидејќи слобода преку која ние можеме да ја исповедаме јавно својата вера е добиена низ многу страданија, благодарение на жртвите на светиите во првите векови и е запечатена со крвта на мноштво маченици и исповедници на верата наша православна. Затоа, денес кога можеме слободно и без страв да се декларираме како христијани, вистински да ја цениме таа слобода, ползувајќи ја правилно, така што нема да се нарекуваме само по име христијани, туку и по дела, а најмногу ќе го оправдаме тоа име, ако имаме љубов помеѓу себе (сп. Јован 13,35).

По молитвите на светите рамноапостолни цареви Константин и Елена, чиј спомен денес го празнуваме, нека Сесилниот наш Бог ја засили нашата вера, нека ја умножи љубовта и слогата помеѓу нас христијаните и овде и ширум светот, за да можеме сите заедно да Го прославиме Неговото сечесно и великолепно име, постојано сега и секогаш и во сите векови. Амин!

Нека е за многу години храмовата слава, а на сите оние кои го чествуваат овој ден како своја семејна слава или именден, нека им е честито и Божјиот благослов да биде со сите вас и дај Боже да славиме уште многу јубилеи!

 

 

            

            

 

[1]Говор изговорен на Литургија во храмот „Свети Константин и Елена“ во с. Вратница – општина Јегуновце, Тетовско, на ден 03. 06. 2020 – Свети цар Константин и Светата царица Елена; преподобен маченик Пахомиј).