ПОВИКАНИ ДА РАСТЕМЕ ВО МУДРОСТА И БЛАГОДАТТА БОЖЈА
Зоран Богоевски
06.09.2026
„Зашто мнозина се повикани, а малцина избрани.“
(Матеј 22, 14)
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Ваше Високопреосвештенство,
почитуван ректоре,
почитувани професори и воспитувачи,
драги богослови,
По неполни три месеци, откако како синодски пратеник присуствував на матурските испити, денес, по Божјо благоволение и по покана на Високопреосветениот ректор, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, повторно се наоѓам во нашиот Светиклиментов расадник — во нашата Богословија. Токму овде многумина од нас, повикани од Семудриот Бог според Неговата спасителна промисла, го започнавме своето богословско образование — образование кое треба најнапред да нè преобрази нас, за еден ден преку нашето служење да ги изградуваме и оние што Бог ќе ни ги довери.
Во јуни, по матурските испити, се збогувавме со матурираните богослови, а денес, во овој септемвриски ден, традиционално им посакуваме добредојде на учениците од новата генерација. Денес нашата радост е голема, зашто пред нас гледаме нови лица и, за првпат по повеќе години, гледаме поголем број запишани ученици. А во контекст на денешното евангелско четиво можеме да кажеме дека на Божјиот повик, на Божјата покана да Го следат, оваа година многумина одговориле потврдно.
Неминовно, како и секој богослов, така и мене, секогаш кога доаѓам во нашата Богословија, ми навираат спомени и сеќавања на времето кога, по молитвите на нашиот свети Климент Охридски, пред речиси триесет години се наоѓав на вашето место, како еден од најмалите меѓу своите соученици, со многу прашања, надежи и младешки стремежи, не знаејќи по какви патишта Господ ќе ме поведе. И денес, навраќајќи се на тие години, со особена благодарност ги разбирам зборовите на светиот апостол Павле: „Мене, најмалиот од сите, ми се даде таа благодат“ (сп. Ефес. 3, 8).
Но годините и времето брзо изминуваат. И од денешен аспект, колку повеќе годините одминуваат, толку повеќе разбирам дека деновите поминати во оваа Семинарија не биле само години на учење, туку години во кои Бог тивко го подготвувал патот на нашиот понатамошен живот.
Затоа денес со особена радост сум повторно меѓу вас, на почетокот на новата учебна година, за сите заедно да се помолиме благодатта на Светиот Дух да слезе врз вас, да ги просветли вашите умови, да ги укрепи вашите сили и, пред сè, да ги отвори вашите срца за познание на Бога, зашто без Божјата благодат не можеме да направиме ништо (сп. Јован 14, 26; 15, 5).
Не случајно учебната година во едно духовно училиште започнува токму со Призив на Светиот Дух. Пред да ги отвориме учебниците, ние треба да ја отвориме душата пред Бога. Пред да започне човечкото поучување, треба најнапред да го побараме Божјото просветлување. Зашто богословието не е само стекнување знаење за Бога, туку, пред сè, учење како да живееме со Бога и како да Му служиме.
Драги богослови,
Во Евангелието што го слушнавме во оваа недела, Господ ни ја раскажува параболата за царот кој приготвил свадба за својот син и ги испратил своите слуги да ги повикаат поканетите на свадбата. А на крајот Христос ги изговара познатите зборови: „Мнозина се повикани, а малцина избрани“ (Матеј 22, 14).
Тие зборови денес можеме на еден особен начин да ги разбереме и овде, во нашата Богословија.
Низ годините многумина биле повикани и ја пречекориле богословската капија. Многу млади луѓе седеле во овие клупи, се молеле во овој параклис, ги слушале своите професори и го започнувале патот кон служењето на Црквата. Но не е доволно само да ја прифатиме поканата. Не е доволно само да влеземе низ портата на Богословијата. Потребно е повикот да го прифатиме со сето свое срце и да истраеме на патот на преобразбата што самите сме го избрале. Зашто Божјиот повик е истовремено и дар и одговорност.
Сите вие сте дошле овде за да учите, но и да се воспитувате; да стекнувате знаење, но и духовно да се изградувате; да растете не само во знаењето, туку и во доброто; да научите што е Црквата, но уште повеќе — да научите како се живее во Црквата.
Зашто вистинскиот богослов не се препознава само по тоа колку знае, туку и по тоа колку она што го знае го претворил во живот. Знаењето без смирение лесно може да стане повод за гордост, а знаењето просветлено од Божјата благодат станува мудрост. Токму во таквата мудрост и благодат сте повикани да растете во годините што се пред вас, за вашето образование да не остане само во умот, туку да се всели и во срцето и да се покаже преку вашиот живот.
Особено вам, кои оваа година за првпат го пречекоривте прагот на Богословијата, сакам да ви кажам: можеби денес не можете целосно да ја согледате важноста на чекорот што сте го направиле. И јас, кога бев на вашето место, не знаев по кои патишта ќе ме поведе Божјата промисла. Но токму затоа годините што се пред вас треба мудро да ги искористите, пред сè, за да растете во мудроста и благодатта Божја.
Учете, но не само за оценка. Молете се, но не само затоа што тоа го бара богословскиот поредок. Почитувајте ги професорите и воспитувачите, не само затоа што се ваши претпоставени, туку затоа што Бог преку нив ви дава можност да се образувате и духовно да созревате. И чувајте го другарството меѓу себе.
Овде ќе поминете години кои никогаш повеќе нема да се вратат. Ќе живеете заедно, ќе учите заедно, ќе се молите заедно, ќе имате радосни денови, но и денови на искушенија. Научете уште овде да простувате, да се поднесувате и да си помагате еден на друг. Зашто оној кој утре сака да му служи на народот Божји, мора најнапред да научи да го љуби човекот кој е покрај него.
А вам, повозрасните богослови, ви велам: бидете им пример на помладите. Помогнете им полесно да ги направат првите чекори во богословскиот живот. Она што вие сте го добиле од генерациите пред вас, предадете им го и ним.
Драги богослови,
Пред вас се години на учење, но и години во кои треба да го откривате и да го проверувате сопствениот повик. Не знаеме секого од вас по каков пат ќе го поведе Божјата промисла и какво служење ќе му довери Црквата. Но едно е сигурно: секој што ќе излезе од ова училиште треба да излезе како подобар христијанин, созреан човек и верен син на својата Црква. Токму тука повторно се навраќаме на зборовите Христови: „Мнозина се повикани, а малцина избрани.“
Избраноста не е привилегија со која треба да се гордееме. Таа е одговорност која треба да ја оправдаме со нашиот живот. А нашиот одговор на Божјиот повик се покажува во верноста, трудот, смирението, молитвата и љубовта.
Затоа денес ние Го молиме Светиот Дух не само да ви помогне успешно да ја завршите учебната година, туку и да ви помогне правилно да го разберете повикот што Бог го упатува до секого од вас.
Нека Он ги просветли вашите умови за да ја спознавате вистината, нека ги очисти вашите срца за да можете искрено да Го љубите Христа и Неговата Црква и нека ви даде сила да истраете во доброто — за еден ден, како што и јас во овие мигови се навраќам на 1997 година, и вие, кога ќе се навратите на овие денови, да можете со благодарност да кажете дека токму овде сте научиле не само да зборувате за Бога, туку и да живеете со Бога.
По молитвите на нашиот патрон и просветител, свети Климент Охридски, благодатта на Сесветиот Дух нека пребива врз сите вас, нека го благослови вашиот труд и нека ве раководи по патот на верата, знаењето и служењето.
Нека е благословена и успешна новата учебна година!
Амин.