Поздравно слово до учесниците на „Милениумската патека
Митрополит Тетовско-гостиварски г. ЈосифВо името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Почитуван Директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи г. Даријан Сотировски,
ценети планинари,
драги браќа и сестри,
Добредојдовте во храмот „Свети Мина“ овде во селото Волковија, во подножјето на Сува Гора, на местото, кое што го означува крајот на планинарско-рекреативната акција „Милениумска патека“ и на нашето денешно другарување. Гледајќи ве во голем број, неможам да ја сокријам мојата радост што и оваа година по втор пат се одржуваа оваа прекрасна манифестација, која беше новоспоставена и за прв пат се одржа минатата година, во рамки на одбележувањето на големиот јубилеј „1000 години Охридска архиепископија“. Поради илјада годишниот јубилеј на нашата црква – Охридската архиепископија оваа планинска патека беше именувана со името „Милениумска патека“. Патеката и тогаш и денес, а верувам дека и во иднина, кај сите нас ќе го буди интересот за богатата историја на нашата мајка црква, за богатата природа, но и за нашето црковно и културно наследство, кое со векови нашите предци го подигале на оваа апостолска и благословена земја.
Денес повторно, чекорејќи по стазата на Милениумската патеката, започнувајќи од храмот „Пресвета Троица“ во с. Блаце, па преку храмот „Света Петка“, потоа ранохристијанската базилика во областа Граиште и храмот „Свети пророк Илија“ во с. Стенче, новоизградената црква „Света Екатерина“, поминувајќи низ храмот „Свети Атанасиј“, посетувајќи го храмот „Свети Георгиј“ при некогашниот Волковски манастир и стигнувајќи до овој храм, посветен на светиот великомаченик Мина, притоа набљудувајќи ги природните убавини на овој регион, ние како да чекоревме низ историјата на самата Охридска црква. Зошто велам дека денес чекорејќи по оваа патека, ние чекоревме по патот на богатата историја на нашата црква? – Затоа што патот на нашата Црква бил како оваа патека. Полн со восочини, но и со падови. Полн со тешкотии, но и со безброј радости. Благодарение на таквиот пат што пред нас го поминале нашите предци, нашиот народ и свештенството – страниците на нашата историја се исполнети со богати содржини, како што оваа патека е исполнета со нашето милениумско и постаро црковно и културно наследство: бројните археолошки локалитети, ранохристијанските храмови, поновите цркви и манастири, кои денес ги посетивме, а кои несомнено се градени во времето на славната Охридска архиепископија и во времето на нејзиното возобновување во лицето на Македонската православна црква.
Оваа патека и нашето денешно патување по неа, освен што не враќаат во историјата – сведочат за нашата соборност и континуирана љубов кон својата земја и црква. Денес на „Милениумската патека“ што е за пофалба пешачеа и рекреираа заедно сите возрасни генерации: стари, млади и средовечни. Сите заедно како заедница направивме подвиг на единство. Подвиг, кој не само што го разбуди во нас сеќавањето, туку и физички и духовен подвиг, кој допринесува за наше телесно и духовно здравје, кои се основните причинителки на нашата вистинска среќа. Ете оваа патека го нуди тоа што на сите нас денес ние најпотребно. Живеејќи во време кога се заборавени духовните вредности, пешачењето по оваа патека е и одлична можност да се потсетиме на нив и да покажеме љубов, разбирање, дијалог и внимание кон другиот, но да отвориме и надеж и верба за себе си. На денешниот отуѓен човек, кој живее во време на голем технолошки и комуникациски развој – токму тие навидум едноставни работи му недостигаат и му ја одземаат и помрачуваат животната енергија. Денес, пак иако физички сме исцрпени, сепак духовно сме силни и нашите лица се радосни и полни со живот енергија. Денес нема апатија и тага во нашите срца. Денешниот ден поминат во Божјата убавина, во природата и во Божјите домови – храмовите со благодат ја пополни празнината на нашата душа. Затоа секогаш кога ќе ни е тешко, да се оддалечиме за миг од градскиот хаос, од технолошката зараза и медиумите, и да дојдеме на оваа патека, во природата и да размислиме за тоа како го поминуваме нашиот богомдарован живот, да поразговараме со самите себе, да се смириме и едноставно да се помолиме на Бога, Кој денес нѐ благослови сите нас со телесна и духовна хармонија и мир во душите. Само со молитва нашите срца ќе станат мирољубиви, само со пост нашите тела ќе бидат смирени и само со одење во црква на литургија и со подвизување - нашите души ќе бидат исполнети со бескрајна љубов кон Бога и ближните и само така, ако духовно патуваме по нашата животна патека дури тогаш божествениот мир ќе ја краси нашата христијанска личност. Посакувам оваа патека да биде почеток и на тоа духовното патување на многумина низ светотаинскиот живот на Црквата.
На крај, дозволете да ја искажам мојата голема благодарност до Планинарскиот клуб „Јелак“, до Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, до црковните одбори и секако до сите Вас, планинари и љубители на природата што со Вашето учество на оваа планинарско-рекреативна акција низ падините на Сува Гора уште еднаш ја покажавте својата љубов, почит и сеќавање кон Охридската архиепископија и нејзината наследничка Македонската православна црква, чии духовни чеда сме сите ние. Се надевам и немам сомнеж дека оваа „Милениумска патека“ ќе прерасне во традиционална планинарско-рекреативна акција, која ќе допринесе за поголема афирмација на нашата Света црква.
Нека Севишниот Бог Ве благослови и со Божји благослов и наредна година во што поголем број да се видиме на оваа патека во чест на Охридската архиепископија и да рекреираме, славејќи Го Троичниот Бог во сите векови. Амин!