Радосен ден
г. Јосиф, митрополит Тетовско - гостиварски
Радосен ден[1]
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Денес дојде спасението на овој дом…
(Лука 19,9)
Почитуван директор на Комисијата за односи со верскитезаедници и
религиознигрупи, ценети отци, драги браќа и сестри,
Ми претставува огромна чест и задоволство што во навечерието на празникот посветен на патронот на овој манастирски комплекс, на великиот светија Атанасиј, сме собрани во ова неше древно и прекрасно светилиште за да заедничариме и заедно да ја споделиме радоста од осветувањето, од благословот што денес слезе на овој нов конак во Лешочкиот манастир. Нашите денешни молитви, од вечерното богослужение во храмот, ги продолживме и овде на величествениот чин на осветувањето, со кое свештенодејствие Му заблагодаривме најнапред на Бога без Кого не можеме да направиме ништо добро, Му заблагодаривме, бидејќи никогаш во текот на изградбата, од самото осветување на темелите па сè до ден денес, кога како круна на досегашната работа го осветуваме овој конак нè не остави без Неговата помош. Без Божјата милост немаше да го издигнеме од пепелта овој велепен изграден владички конак.
Денешното осветување на манастирскиот конак е голем настан, бидејќи за прв пат по скоро цели 200 години, оваа година кога ги прославуваме големите јубилеи: 700 години од изградбата на стариот манастир и 250 години од раѓањето на светиот игумен Кирил Пејчиновиќ - успеавме да ја завршиме изградбата и да го осветиме оваа прекрасно здание, кое ќе биде украс на ова место под небото. Осветувањето на овој конак е како остварување на еден аманет за оваа обител..., како остварување на зборовите на просветителот: „никоаш немојте да ми го забраете мојов манастир“. Овие зборови на преподобниот некогашен игумен на овој свет манастир, на нашиот Кирил Пејчиновиќ ни беа постојан мотив да го започнеме возобновувањето на овој манастир, кој поради приликите и неприликите, по мојот избор за митрополит на овие краишта го затекнавме во една позаостаната состојба, но ете имајќи ги на ум овие прекрасни боговдахновени зборови успеавме со изградбата на овој конак да ја започнеме обновата на овој манастирски комплекс, каде во тек се и други градежни активности. Ти благодариме оче Кириле што со силата на твоите зборови не потсети и ни даде мотив преку твоите молитви за ова светилиште, кои се своевидна порака за сите нас и за сите идни генерации кои ќе дојдат после нас, бидејќи тие зборови надживеаа и ќе надживееат многу генерации, а ние истите тие зборови ги запишавме и на натписот на влезната врата во овој конак за да ни бидат потсетник секогаш да се грижиме за светињите и да ги надградуваме истите пред сѐ за духовните потреби на нашиот прекрасен побожен македонски народ, кој на многу начини ја покажува искрената љубов кон оваа обител.
Слободно и симболички можам да кажам дека со денешниот чин на осветување конечно како што чувме од Еванглието: „дојде спасението на овој дом“ на овој манастир, кој претставува наш заеднички дом и се надевам дека Божјиот благослов ќе донесе тука и многу радости во иднина. Не можам да ја сокријам денешната радост, бидејќи овој ден навистина е создаден да се радуваме во него, зашто дочекавме со повеќегодишна работа на создавање на услови за градба – од руината која се наоѓаше на ова место, во која на човек му беше страв и да влезе – денес да го гледаме на нејзино место овој прекрасен веќе осветен владички конак.
Со неговото пуштање во употреба го добивме одамна потребниот простор за нормално функционирање. Конакот како што можете да видите поседува: приемни или гостински простории, административни и канцелариски простории, потоа простор за секојдневно живеење, библиотека и гостински соби. Овој конак изграден е по проект кој доби позитивно мислење од Управата за заштита на културното наследство. Скоро целосно финансиските трошоци околу неговата изградбата се покриени со парични средства на МПЦ-ОА: ТГЕ – Лешочки манастир, а сосема мал дел од донации за кои ја користам оваа прилика и јавно да се заблагодарам на сите даруватели на оваа светиња.А најголема благодарност и припаѓа на Пресвета Богородица, која заедно со светиот Атанасиј заштитникот на оваа обител и на преподобниот игумен Кирил се постојани молитвеници пред престолот Божји за ова духовно катче, но и за сите нас кои во него престојуваме и се молиме на Бога, без чија што помош немаше да можеме во краток временски период од само една година да го изградиме овој конак, а паралелно со него да се изгради и уреди паркинг просторот, кој се изгради со средства од Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа, а беше реализирана преку Бирото за регионален развој, со согласност и поддршка од страна на општина Теарце и градоначалникот. Исто така во текот на ланската година се привршија и започнатите активности околу санацијата и конзервацијата на манастирската црква „Пресвета Богородица“ од страна на Националниот конзерваторски центар – Скопје како проект на Министерството за култура, а во моментот во тек е и обновата на големиот конак кон која сме фокусирани и се надеваме дека со помош на државата набрзо и таа ќе се заврши, бидејќи станува збор за значајно културно наследство. Ја користам оваа прилика искрено да му се заблагодарам на Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, за неговата грижа и за неговото залагање пред надлежните државни органи за развој на Лешочкиот манастир.
Мили гости,
Нека Господ Бог ги прими нашите заеднички молитви за осветување на овој наш дом и нека осветувањето на овој конак биде за спасение на ова место и на сите кои во него ќе доаѓаат да ја примат утехата од Божјото слово, кон кое треба да се вратиме како народ. Враќајќи се во прегратките Божји и во неговите храмови ние ја просиме Божјата милост и благодат без која не можеме да живееме. Овој манастир и понатака останува отворен за сите Вас, кои ја возљубивте убавината на овој Божји дом. Оваа светилиште како живеалиште на Бог низ вековите било и останува голема утеха за сите нас православните христијани. Затоа апелирам заедно да продолжиме со неговата доизградба,со неговата обнова, за да повторно ова место го издигнеме и да го направиме гордост на Полог и место каде што сите ние ќе го најдеме својот мир и спокој од сите тешки крстови кои ги носиме во светот. Нека Господ ја благослови оваа обител за да во неа до крајот на векот се исповеда нашата православна вера и за да му принесуваме постојано служба на Бога: Отецот и Синот и Светиот Дух, Кому му прилега секоја слава, чест и поклонение, сега и секогаш и во сите векови. Амин!
За многу години нека е денов и осветувањето!
[1]Пригодно слово изговорено во Лешочкиот манастир за време на осветувањето на новиот владички конак, на 30. 01. 2021 – во предвечерието на манастирскиот храмов празник посветен на светиот Атанасиј Велики.