Радоста на осветувањето
г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски 23.09.2018 г. с. Јелошник
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Мојот дом ќе се нарече дом за молитва за сите народи
(Исаија 56,7)
Драги браќа и сестри,
Денес е голем ден за Вас жителите на селото Јелошник, но и за сите христијани од Полошкиот крај, бидејќи христијанската радост е соборна радост. Благодатната радост која денес произлегува од настанот на осветувањето на овој новоизграден во полнота храм посветен на „Светото Христово вознесение“ во народот познат како „Свети Спас“– е радост, која од Јелошник се разнесува на сите страни на оваа епархија. Таа радост е евангелска радост. Таа радост, почнувајќи од денес ќе ги радува срцата и душите не само на месното население, туку и на сите народи, кои ќе притекнуваат на молитва во овој новоосветен Божји дом.
Почитувани,
Денес сите ние, кои го знаеме историјатот на изградба на овој храм сведоци сме на фактот дека, благодарение на истрајноста над искушенијата и страданијата – доаѓа радоста. И денес секој треба да се радува, бидејќи од денес нашата епархија, овој крај и Вашето село е побогато со еден прекрасен храм, кој ќе биде отворен секогаш за секој еден од Вас, но и за секој добронамерен патник, бидејќи според пророштвото на старозаветниот пророк Исаија, Божјиот дом – храмот е дом за молитва за сите народи (Исаија 56,7), на сите оние, кои како жената Хананејка од денешното Евангелие, искрено и со силна вера ќе пристапат кон нашиот Бог и Спасител, Господ Исус Христос, и ќе Му се обратат од длабочините на своето срце, со зборовите „Господи, помогни ми!” (Матеј 15,25). И навистина, нашиот Бог, Кој обитава во овој храм ќе ни помогне, како што и помогнал на жената Хананејка. Он секогаш ни помага и ќе ни помага. Но некогаш треба, како што кажува народната поговорка „И ние сами да си помогнеме – за да и Бог да ни помогне“. А како ние сами ќе си помогнеме, за да и Бог ни помогне? – Мили мои, ќе си помогнеме ако почесто доаѓаме во овој храм, но не само ако доаѓаме и се грижиме за овој храм, туку ако се потрудиме секој од нас да го сочува Духот Божји во себе, ако секој од нас сериозно ги сфати Павловите зборови „Не знаете ли дека вие сте храм Божји, и Духот Божји живее во вас?“ (1 Кор. 3,16); Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ви е даден од Бога и дека не припаѓате сами на себе си? (1 Кор. 6,19)“. Кога ќе сфатиме дека и самото наше тело е храм и дека е потребно да го сочуваме тој храм неосквернат од нечистотијата на овој свет, бидејќи според денешното апостолско четиво, само тогаш Бог „Ќе се всели во нас и ние ќе бидеме Негов народ” (сп. 2 Кор. 6,16)
Возљубени,
Денес Бог обилно ја изли својата благодат и се всели во ова светилиште, во ова место свето и осветено. Секогаш да имате на ум дека храмот не е свето место затоа што е осветен со посебен чин, туку поради благодатното присуство на Сесветиот Бог во него. Престојувајќи и Вие во него – се облагодатувате постојано без разлика дали преку разните свештенодејствија или со најсветата Тајна – Евхаристијата, која истовремено ги осветува оние што ја примаат, а и самото место каде таа се извршува.
Токму затоа, овој свет храм, иако мал по димензија е вистинска радост за секој христијанин и тој од денес нека послужи на секоја христијанска душа, којашто ќе влегува во него со молитва, со скрушеност, со понизност и со покајание за своите знаени и не знаени престапи и гревови, да најде олеснување, очистување и осветување и да оди по вистинскиот пат, на кој сме повикани, како верни чеда на нашата света Црква.
На крај би сакал да им искажам искрена благодарност на иницијаторите за изградбата на овој свет храм. За сè што потрошија и даруваа за изградбата на овој свет храм, а вознесениот Христос нека молостивно погледне на нивното дело и на покајанието на секој од нас!
Нека е честит денот и од Бога благословен. Амин!